Европските челници ги предупредуваат САД против украинскиот договoр „зад грб“

Европските челници во четвртокот го предупредија Вашингтон против украинскиот мировен договор со Русија зад нивниот грб, додека се обидуваат да обезбедат место на преговарачката маса откако американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со неговиот руски колега Владимир Путин и најави почеток на преговорите.

Потегот на Трамп ги вознемири европските престолнини кои сакаат да играат централна улога во мировните преговори, бидејќи секој договор за Украина, каде Русија пред три години изведе инвазија, ќе има последици по нивната безбедност.

„Јасно е дека каков и да е договор зад нашиот грб нема да функционира. За секој договор ќе треба Украина и Европа да бидат дел од него“, рече шефицата на европската надворешна политика Каја Калас.

„Зошто им даваме (на Русија) сè што сакаат уште пред прговорите воопшто и да започнат…
Тоа е смирување. Никогаш не успеа, рече рече Калас на состанокот на министрите за одбрана на НАТО со нивниот украински колега во Брисел.

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во средата изјави дека е нереално Украина да се врати на своите граници од пред 2014 година и дека членството на Украина во НАТО нема да биде дел од мировниот договор. Подоцна, по телефонските разговори со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володомир Зеленски, истиот став го поддржа и американскиот претседател Доналд Трамп.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, исто така, рече дека „би било подобро Вашингтон да не ѝ направил отстапки на Москва“ уште пред да започнат преговорите.

Калас тврди дека секој договор без европско и украинско учество ќе пропадне и дека Европската унија ќе продолжи да го поддржува Киев доколку се спротивстави на решението кое му е наметнато. „Секое брзо решение е неправеден договор“, тврди Калас.

Францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну предупреди дека би можело да дојде до „мир преку слабост“, а не „мир преку сила“, на што инсистираше Брисел ветувајќи дека Русија ќе биде поразена и принудена на преговори а Киев ќе добие подобра преговарачка позиција.

Литванскиот министер за одбрана Довиле Саклиен изјави дека Европа не смее да има „илузија дека Трамп и Путин ќе најдат решение за сите нас“.

Британскиот премиер Кир Стармер, исто така, во четвртокот рече дека Украина мора да биде „во с’ржта“ на секави преговори за ставање крај на конфликтот со Русија.

„Мораме да бидеме сигурни дека Украина е во срцето на тоа. Не може да има преговори без Украина во центарот на нив. Навистина е многу важно Украина да биде во најсилна можна позиција, без разлика дали е во преговори или во продолжување на борбите“, изјави Стармер за новинарите во Лондон.

Бранејќи го американскиот пристап, министерот за одбрана Хегсет рече дека светот може да биде среќен што го има Трамп, „најдобриот преговарач на планетата, кој ќе ги приближи двете страни за да се постигне мир преку преговори“.

Трамп ги потопува европските надежи

Многу европски претставници се надеваа дека серија состаноци во Брисел и Минхен оваа седмица ќе бидат нивна шанса да влијаат врз американските ставови за војната, односно дека ќе биде задржан курсот кон војната во Украина кој го имаше донеодамнешната администрација во Вашингтон а кој го следеше Брисел. Но, набрзо стана јасно дека администрацијата на Трамп ќе работи без нив.

Неколку часа откако Хегсет зборуваше, Трамп рече дека имал „многу продуктивен телефонски повик“ со Путин и дека се согласиле веднаш да започнат преговори, а потоа го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски за разговорот со рускиот челник, кој според Москва траел час иполовина.

Во изјавата објавена доцна во средата по разговорите во Париз, министрите за надворешни работи на европските сили, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија, рекоа дека Европа мора да биде дел од какви и да се идни преговори за Украина.

Европски дипломатски извор откри дека министрите се согласиле да започнат „отворен и тежок дијалог“ со американските претставници на годишната Минхенска безбедносна конференција, тридневен собир што започнува овој петок во јужниот германски град.

Но, не сите европски леници беа вознемирени од потегот на Трамп. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, сојузник на Трамп, го пофали американскиот претседател и ги критикуваше изјавите на министрите.

„Не можете да барате место на преговарачката маса. Треба да го залужите“, им порача Орбан на евопските колеги преку социјалните мрежи.

Европските лидери тврдат дека една од причините зошто треба да бидат вклучени во преговорите е тоа што Вашингтон јасно стави до знаење дека очекува од нив да обезбедат безбедносни гаранции за каков и да е мировен договор, што во Брисел некои го толкуваат дека би можело да значи распоредување европски трупи во Украина.

„Нема опција да не бидеме на масата, бидејќи ние сме многу важни за вистинското спроведување на овие безбедносни гаранции“, рече холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс.

Меѓутоа, во средата и Трамп и Хегсет отфрлија какво и да е учество на американски војници во евентуални „мировни сили“ во Украина, порачувајќи дека таквата мисија нема да биде во рамките на фамозниот член 5 од Северноатлантскиот договор кој се однесува на колективната безбедностна членките на Алијансат.