
Европските челници повикаа на зголемување на трошоците за одбраната на итниот состанок во понеделникот во Париз, но останаа поделени околу испраќањето воени единици како наводни мировници во Украина за поддршка на спроведувањето на можниот мировен договор.
Состанокот го свика францускиот претседател Емануел Макрон, откако американскиот претседател Доналд Трамп се согласи на билатерални преговори со Русија кои покрај подобрување на прекинатите односи меѓу Вашингтон и Москва и рашавање на глобалните прашања вклучуваат и преговори за ставање крај на војната во Украина. Бидејќи водечките европски земји не беа известени за телефонскиот повик на Трамп до рускиот претседател Владимир Путин. Тоа ги поттикна стравувањата во Брисел, но и во Киев, дека ќе бидат изоставени од преговорите кои треба да започнат во вторник во Саудиска Арабија.
Европските челници, од кои повеќето во текот на кампањата за изборите во САД се спротиставува се најавите на Трамп, сега се најдоа затекнати од потезите на републиканската администрација во Вашингтонза Украина, Русија и европската одбрана и мора да се соочат со реалноста на иднината со помала американска заштита. Тие сфатија дека ќе треба да направат повеќе за безбедносните гаранции на Украина, но и за својата безбедност од наводната „руска опасност“, како што тврдат.
Британскиот премиер Кир Стармер, кој пред состанокот во Париз изјави дека е подготвен да испрати британски војници како наводно мировници во Украина, во понеделникот вечерта изјави дека „е неопходна американска безбедносна гаранција за европските земји да испратат свои војници во Украина“. Тој, исто така, рече дека е премногу рано да се каже колку британски војници би можел да бидат испратени во таква мисија во Украина.
Мировните сили би ги зголемиле шансите за директен конфликт со Русија, а исто така би биле товар за европските војски, чии резерви на оружје се исцрпени со вооружувањето на Украина и деценискиот релативен мир. Прашање е и како некои европски земји би платиле за тоа, пишува Reuters.
Заложбата на Стармер за мировните сили предизвика поделби меѓу учесниците на состанокот во Париз.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека не може да има мировен договор со Русија без согласност на Украина. Тој, исто така, нагласи дека без мировен договор не може да се зборува за германска мировна мисија во Украина. Шолц притоа посочи дека европските буџетски правила не треба да го блокираат зголемувањето на трошоците за одбрана над два отсто од бруто домашниот производ.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, исто така, се спротивстави на испраќање мировници во Украина, според извори од нејзиниот кабинет.
„Беше полезно денеска да се разговара за различни хипотези. Онаа што предвидува испраќање европски војници во Украина ми се чини најсложена и можеби најмалку ефикасна, и во тој поглед ги изразив сомнежите на Италија“, рекла Мелони, според извор на Reuters.
Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека е отворена за разговори за испраќање војници и дека Европа мора да ја зголеми поддршката за Украина и трошоците за сопствената одбрана.
„Русија сега, за жал, ѝ се заканува на цела Европа“, тврди Федерискен.