Европските и азиските берзи го следат растот на Волстрит

На европските и азиски берзи индексите пораснаа во средата во претпладневното тргување, како и ден претходно на Волстрит, со најголем раст на цените на акциите во технолошкиот сектор.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот пресек од дневното трегување порасна за 0,4 отсто, надополнувајќи ги вчерашните загуби. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,31 отсто, на 8.275 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,66 отсто, на 18.297 поени, а париски CAC за 0,44 отсто, на 7.695 поени.

Растот на индексите главно се должи на закрепнувањето на технолошкиот сектор, по падот од претходните денови. Цените на акциите во овој сектор претпладнево во просек пораснаа за 0,8 отсто, а во индустрискиот сектор за 0,7 отсто.

Од друга страна, пак, цените на акциите најмногу паднаа во автомобилскиот сектор, за 0,6 отсто.

И на повеќето азиски берзи цените на акциите претпладнево пораснаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во благ плус во истиот пресек од тргувањето како и во Европа. Претпладнево јапонскиот индекс Nikkei порасна за 1,2 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Шангај пораснаа меѓу 0,6 и 0,8 отсто. Во Хонгконг и Австралија, пак, паднаа меѓу 0,1 и 0,7 отсто.

Цените на акциите паднаа најмногу во Австралија, бидејќи инвеститорите стравуваат од ново зголемување на каматните стапки поради зголемената инфлација. Имено, претпладнево беше објавено дека инфлацијата во оваа пацифиќка земја пораснала од 3,6 отсто во мај на 4 отсто во април.

Повисоката инфлација од очекуваната предизвика страв од зголемување на каматните стапки, бидејќи гувернерот на централната банка Микеле Булок неодамна изјави дека и на последниот состанок имало дискусии за зголемување на каматните стапки. Изненадувањето е дотолку поголемо бидејќи пазарите сметаат дека циклусот на покачување на каматните стапки во светот е завршен и дека ќе следи олабавување на монетарната политика.