Европските и азиските берзи во пад пред американскиот извештај за инфлацијата

На европските берзи цените на акциите благо паднаа во средата претпладнето, втор ден со ред, бидејќи инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред објавувањето на извештајот кој ќе покаже дали инфлацијата во САД се намалува или зајакнува.

Индексот STOXX 600 на водечките европски берзи првиот пресек од тргувањет беше во минус од 0,2 отсто, слабеејќи втор ден по ред. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,24 отсто, на 8.260 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,07 отсто, на 20.315 поени, а париски CAC 0,12 отсто, на 7.385 поени.

И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции беше намален за 0,3 отсто во истиот пресек од тргувањето како и во Европа. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei oслабе за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Австралија и ХонгкКонг паднаа меѓу 0,5 и 0,8 отсто. Во Шангај и Јужна Кореја, пак, се зголемија меѓу 0,3 и 1 процент.

Најмногу претпладнево пораснаа цените на акциите во Јужна Кореја, втор ден со ред, што главно се должи на корекцијата по остриот пад минатата седмица. Политичката криза, која минатата седмица ја предизвика претседателот Јун Сук Јеол, кога прво ја воведе а потоа ја укина воената состојба, сè уште не е решена, но инвеститорите се надеваат дека ситуацијата наскоро ќе се стабилизира.

Кинеските берзи, пак, стивнаа по силниот раст на цените на акциите на почетокот од седмицата, кога кинеските власти најавија нови фискални стимулативни мерки и олабавување на монетарната политика следната година за забрзување на економскиот раст.

Така, берзите го следат вчерашниот правец на Волстрит, кога берзанските индекси паднаа втор ден по ред, за околу 0,3 отсто. Имено, инвеститорите не се подготвени да преземаат повеќе ризици пред новите извештаи за инфлацијата во САД.

Во среда ќе биде објавен извештајот за потрошувачките цени во ноември, а во четврток за цените на производителите.