Европските и азиските инвеститори претпазливи, индексите стагнираат

На европските берзи во петок петрпладнето се тргува претпазливо, бидејќи нема вести за стимулирање на пазарите во пресрет на божикните празници, а инвеститорите не беа инспирирани ниту од вчерашниот раст на Волстрит.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,1 отсто во првиот дневен пресек на тргувањето, слабеејќи втор ден по ред. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс загуби 0,11 отсто, на 7.686 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,06 отсто, на 16.667 поени, а париски CAC 0,02 отсто, на 7.570 поени.

И на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа беше во минус од 0,3 отсто, така што е на пат за неделна загуба од околу 0,6 отсто. На берзата во Токио индексот Nikkei порасна умерено за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Шангај и Хонгконг се лизнаа меѓу 0,1 и 1,7 отсто.

Падот на цените на акциите на кинеските берзи се должи на новите правила насочени кон ограничување на онлајн видео-игрите и нивното прекумерно користење. Тоа предизвика остар пад на цените на акциите на интернет компаниите како „Tencent“ и „Netease“, а хонгконшкиот „Hang Seng“ падна за повеќе од 1 процент.

На останатите берзи се тргува внимателно, бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат премногу ризици пред празникот, продолжениот викенд, како и податоците за инфлацијата во САД, кои ќе бидат објавени во петок и кои би можеле да влијаат на насоката на пазарите. И на Волстрит, берзанските индекси нагло пораснаа во четвртокот, враќајќи голем дел од загубите од претходниот ден, бидејќи економските податоци ги подгреаа надежите дека американската централна банка наскоро ќе започне со намалување на каматните стапки.

Индексот Dow Jones зајакна за 0,87 отсто, додека S&P 500 порасна за 1,03 отсто, а Nasdaq индексот за 1,26 отсто. Откако завчера забележаа најголем дневен пад од септември, вчера индексите закрепнаа најголем дел од тие загуби.

Инвеститорите беа охрабрени од третата проценка на бруто домашниот производ (БДП), која покажа дека американската економија пораснала малку побавно од очекуваното во третиот квартал. Забавувањето на растот значи дека и инфлацијата би можела да ослабне, па се интензивираа шпекулациите дека Fed би можел да почне да ги намалува каматните стапки веќе во март следната година.