Европските и азиските инвеститори претпазливи, индексите стагнираат

На европските и на азиските берзи во понеделник претладнето се тргува претпазливо, а индексите во Европа стагнираат бидејќи инвеститорите не сакаат да ризикуваат додека го чекаат состанокот на Европската централна банка (ECB) во вториот дел од седмицата.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше речиси непроменет во првиот дневен пресек од тргувањето, откако минатата седмица падна за 1,2 отсто. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,08 отсто, на 7.905 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,39 отсто, на 18.245 поени, а париски CAC 0,40 отсто, на 8.095 поени.

Инвеститорите се претпазливи бидејќи средбата на лидерите на Европската централна банка (ECB) ќе се одржи во четврток. Не се очекува намалување на каматите, но инвеститорите внимателно ќе ги следат сигналите дали на седницата во јуни е можно прво намалување на каматите за 0,25 процентни поени.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот периодот од тргувањето како и во вропа порасна за 0,2 отсто. Во исто време, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,9 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,1 и 0,2 отсто. Во Хонгконг и Шангај, пак, паднаа меѓу 0,1 и 0,7 отсто.

Минатата седмица цените на акциите на светските берзи паднаа бидејќи по добрите економски показатели од американската економија, згаснаа надежите дека американската централна банка (Fed) ќе ги намали каматните стапки во јуни. Изгледите за ова паднаа под 50 отсто, па сега се шпекулира дека процесот на намалување на каматните стапки во САД би можел да започне во јули.

Сепак, тоа ќе зависи од понатамошните економски показатели, главно од инфлацијата. Затоа, во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе биде извештајот за потрошувачките цени во САД во март. Базичната стапка на инфлација, без цените на енергијата и храната, се проценува дека благо се лизна на 3,7 отсто, од 3,8 отсто еден месец порано.

Оваа седмица во фокусот на инвеститорите ќе бидат седниците на голем број централни банки во регионот – Јужна Кореја, Нов Зеланд, Тајланд и Филипините. Се очекува сите да ги остават каматните стапки непроменети, а можеби, има шпекулации, инвеститорите би можеле да бидат пријатно изненадени од централната банка на Јужна Кореја, која може да ги намали каматните стапки, имајќи предвид дека инфлацијата во земјата се намалува.