Европските и азиските инвеститори претпазливи на почетокот од седмицата

На европските берзи се тргува претпазливо во понеделник претпладнето, по силниот раст на цените на акциите минатата седмица, бидејќи инвеститорите не сакаат да преземат поголем ризик пред неколкуте извештаи кои би можеле да ги насочат пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек на тргувањето порасна за 0,06 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,08 отсто, на 8.440 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,03 отсто, на 18.777 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,06 отсто, на 8.215 поени.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше речиси непроменет во истиот период од тргувањето како и во Европа на највисокото ниво во последните 15 месеци, кое го достигна во петокот по три последователни недели добивки.

Претпладнево токискиот индекс Nikkei падна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,1 и 0,2 отсто. Во Хонгконг, пак, се зголемија за околу 0,6 отсто.

На берзите се тргува тивко додека инвеститорите ги анализираат новите податоци за инфлацијата во Кина. Потрошувачките цени во април пораснале за 0,3 отсто на годишно ниво, додека производствените цени паднале за 2,5 отсто. Добрата вест е што инфлацијата, за разлика од западните земји, е ниска, но лошата вест е што падот на цените на производителите укажува на слаба побарувачка.

Во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе биде и извештајот за бруто домашниот производ (БДП) на Јапонија во првиот квартал. Се очекува пад од 1,5 отсто годишно.

Претпазливост на пазарите се очекува и во наредните денови, бидејќи во втората половина од седмицата ќе бидат објавени извештаите за цените на производителите и потрошувачите во САД, кои ќе покажат како се движи инфлацијата и што би можело значително да влијае на насоката на американскиот, а со тоа и другите пазари во светот.

Инвеститорите се надеваат на знаци за намалување на инфлацијата, што би отворило простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки. Сепак, претставници на централната банка во последните денови велат дека каматните стапки би можеле да останат покачени подолг период отколку што очекува пазарот.