Во средата во претпладневното тргување на европските берзи се тргува претпазливо, а индексите стагнираа додека инвеститорите очекуваат одлуки и пораки од состанокот на челниците на американската централна банка.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневвен пресек од тргувањето беше во минус за 0,1 отсто, по вчерашниот раст. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,16 отсто, на 8.296 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,08 отсто, на 18.740 поени, а париски CAC за 0,03 отсто, на 7.490 поени.
Внимателно се тргува и на азиските берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот пресек од тргувањето како и во Европа порасна за 0,1 отсто. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,5 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Шангај пораснаа меѓу 0,1 и 0,5 отсто. Во Хонгконг и Јужна Кореја денеска не се работи поради празници.
Азиските берзи се внимателни, како што беше вчера и Волстрит, кога индексот Dow Jones падна минимално, додека S&P 500 и Nasdaq благо пораснаа. На почетокот на вчерашното тргување, Dow Jones и S&P 500 достигнаа рекордно високо ниво бидејќи инвеститорите беа охрабрени од неочекуваниот раст на продажбата на мало во САД во август, што покажува дека потрошувачката, најголемиот двигател на економијата, останува силна.
Сепак, до крајот на тргувањето, индексите загубија најголем дел од нивните првични добивки, бидејќи на пазарот преовладуваше внимателност.
Вчера започна дводневниот состанок на челниците на Fed, а одлуките ќе бидат објавени подоцна во средата. Сосема е сигурно дека Fed ќе ги намали каматните стапки, првпат по неколку години рестриктивна монетарна политика, но големо прашање е дали ќе ги намали за 0,25 или 0,50 процентни поени. До неодамна, пазарот очекуваше намалување од 0,25 процентни поени, со оглед на тоа што инфлацијата во САД не се намалува толку брзо како што се очекуваше.
Сепак, последните денови се појавија информации дека некои од челниците на ФЕД се за поостро намалување од 0,50 процентни поени и дека исходот од седницата е неизвесен.
„По првичниот раст, пазарот се смири и индексите се лизнаа од рекордно ниво, бидејќи утре по состанокот на Fed, некој ќе биде разочаран“, вели Расел Прајс, економист во „Ameriprise Financial Services“.