Цените на европските акции пораснаа во четвртокот наутро, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од силниот раст на азиските берзански индекси по најавите за нови стимулации за кинеската економија.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во претпладневниот пресек на тргувањето порасна за 0,4 отсто, по двата дена раст. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,50 отсто, на 8.309 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 1,13 отсто, на 19.130 поени, а париски CAC 1,30 отсто, на 7.665 поени.
Така, европските индекси ги следат азиските. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонскитеи, порасна за околу 1,5 отсто во истиот пресек од тргувањето како и во Европа, достигнувајќи ново највисоко ниво во последните две ипол години. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei порасна за 2,8 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг пораснаа меѓу 1 и 4,2 отсто.
Кинеските берзи пораснаа седми ден по ред бидејќи локалните медиуми објавија дека властите би можеле да инјектираат околу 140 милијарди долари свежа ликвидност во најголемите државни банки за дополнително да го стимулираат кредитирањето.
На почетокот од седмицата, кинеските власти открија нови монетарни и фискални стимулативни мерки, најголеми од пандемијата, за поддршка на економскиот раст и за спречување на кризата на пазарот на недвижности. Медиумските написи за дополнителни мерки покажуваат, велат аналитичарите, дека властите се силно решени да го стимулираат растот.
Растот на кинеските берзи позитивно се одрази и на другите пазари во регионот, па инвеститорите не беа обесхрабрени од вчерашниот пад на цените на акциите на Волстрит. Имено, индексот Dow Jones ослабе за 0,70, а S&P 500 за околу 0,20 отсто, па се лизнаа од рекордните нивоа.