Европските инвеститори претпазливи, фокусот на „Nvidia“

На европските берзи во четвртокот во претпладневното тргување индексите благо пораснаа, надоместувајќи дел од вчерашните загуби, а инвеститорите се фокусирани на деловните резултати на технолошкиот гигант „Nvidia“.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето беше во плус 0,05 отсто, по вчерашниот пад. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,24 отсто, на 8.105 поени, а франкфуртски DAX за 0,12 отсто, на 19.028 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,19 отсто, на 7.185 поени.

Инвеститорите се фокусирани на кварталниот деловен извештај на „Nvidia“. Нето профитот на производителот на чипови достигна 19,3 милијарди долари во третиот квартал, двојно повеќе од истиот квартал минатата година. Приходите на „Nvidia“, пак, скокнаа за 94 отсто на годишно ниво, на 35 милијарди долари.

Иако резултатите беа подобри од очекувањата на аналитичарите, цената на акциите на компанијата падна за повеќе од 2 отсто, бидејќи инвеститорите беа разочарани од значителното забавување на растот на приходите.Иако е импресивен, растот на приходите на „Nvidia“ во третиот квартал беше значително помал од претходните квартали, кога изнесуваше повеќе од 120, па дури и 260 проценти.

„Иако Nvidia испорача импресивен раст на приходите, јасно е дека пазарот очекуваше повеќе“, рече Џорџ Бубурас, директор во компанијата „K2 Asset Management“.

Поради падот на цената на акциите на „Nvidia“, американските термински индекси S&P 500 и Nasdaq моментално се во пад од околу 0,5 отсто.

Внимателноста на пазарите е последица и на стравувањата од можна ескалација на војната меѓу Русија и Украина, откако Украина истрела проектили од американско производство кон Русија. Рускиот претседател Владимир Путин изјави потоа дека Русија може да размисли за употреба на нуклеарно оружје доколку биде нападната со конвенционални ракети поддржани од нуклеарна сила.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции беше намален за 0,2 отсто во истиот пресек од тргувањето како и во Европа. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei ослабе за 0,8 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија и Хонгконг паднаа меѓу 0,1 и 0,5 отсто. Во Шангај, пак, благо се зголемија.