На европските берзи се тргуваше претпазливо во четвртокот претпладнето, при што индексите беа малку пониски додека инвеститорите ги анализираа пораките од американската централна банка.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето беше во минус од 0,2 отсто, губејќи дел од вчерашните добивки. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,07 отсто, на 8.209 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,20 отсто, на 18.590 поени, а париски CAC 0,21 отсто, на 7.848 поени.
А на повеќето азиски берзи цените на акциите пораснаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во 9:30 часот порасна за 0,5 отсто. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei се лизна за 0,4 отсто, а благо паднаа и цените на акциите во Шангај. Во Австралија, Хонгконг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,4 и 1 процент.
На кинеските берзи владее неизвесност, бидејќи вчера Европската комисија најави дополнителни царини за увоз на кинески електрични возила поради огромните субвенции на кинеските власти за секторот. Сепак, цените на акциите на кинеските производители на автомобили претпладнево пораснаа бидејќи новите царини и натаму се значително пониски од царините што неодамна му ги наметна на секторот Вашингтон.
Повеќето други берзи во регионот го следат вчерашниот раст на цените на акциите на Вол Стрит, каде што S&P 500 и Nasdaq индексот достигнаа рекордни височини.