Европските инвеститори претпазливи, индексите благо растат

На европските берзи цените на акциите благо пораснаа во вторник во претпладневното тргување, по вчерашниот пад, а тргувањето беше претпазливо поради вчерашниот остар пад на Волстрит.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,2 отсто. Лондонски FTSE индекс се зголеми за 0,29 отсто, на 8.527 поени, а франкфуртски DAX за 0,33 отсто, на 21.350 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,09 отсто, на 7.899 поени.

Тргувањето на азиските берзи е исто така претпазливо. Јапонскиот индекс Nikkei поевтини за 1,4 отсто, а паднаа и цените на акциите во Австралија, за 0,1 отсто. Во Хонгконг, пак, благо се зголемија. Берзите во Кина, Јужна Кореја и Тајван се затворени поради празници.

Растот на индексот Hang Seng во Хонгконг е благодарение на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор, по вестите за големата популарност на кинеската апликација Deep Seek во САД.

Од друга страна, јапонскиот Nikkei падна поради падот на цените на акциите на компаниите поврзани со американскиот технолошки сектор. Имено, овој сектор вчера се најде под голем притисок, при што S&P 500 на Волстрит потона за 1,5 отсто, а индексот Nasdaq падна за повеќе од 3 отсто.

Најголемата светска берза ја потресе веста дека апликацијата на кинеска стартап компанија DeepSeek се најде на врвот на листата на најдобро оценети бесплатни апликации во App Store на „Apple“, пред американскиот конкурент ChatGPT.

Апликацијата DeepSeek беше лансирана во САД на 1-ви октомври и привлекува корисници со забрзано темпо. Ова го доведе во прашање раширеното верување дека САД го предводат светот во развојот на вештачката интелигенција.

Покрај тоа, DeepSeek рече дека користи поевтини чипови и помалку податоци, што предизвика загриженост за тоа колку побарувачката во синџирот на снабдување – од производителите на чипови до центрите за податоци – всушност ќе се зголеми поради развојот на вештачката интелигенција.

Како резултат на тоа, цената на акцијата на „Nvidia“ вчера падна за 17 отсто, што предизвика пад на пазарната вредност на најголемиот светски производител на чипови со вештачка интелигенција за речиси 600 милијарди долари, што е најголем дневен пад на вредноста на една компанија во историјата на Волстрит.

Индексот на секторот на производители на чипови падна за повеќе од 9 отсто, што е негова најголема дневна загуба од 2020 година.

Целиот технолошки сектор се најде под притисок, при што цената на акциите на „Microsoft“ падна за повеќе од 2 отсто, а на „Alphabe“ за повеќе од 4 отсто. Цената на „Dell Technologies“, производител на сервери за вештачка интелигенција, потона за речиси 9 отсто.