Европските инвеститори претпазливи, индексите стагнираат

На европските берзи во вторник претпладнето се тргува внимателно, по вчерашниот раст на цените на акциите, додека инвеститорите чекаат нови вести кои би можеле да ги насочат пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек на тргувањето беше речиси непроменет во однос на вчерашниот трговскиот ден кога порасна. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,11 отсто, на 7.700 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,09 отсто, на 16.700 поени, а париски CAC 0,22 отсто, на 7.430 поени.

По вчерашниот раст на цените на акциите, денешното тргување е претпазливо, бидејќи инвеститорите беа поколебани од неочекуваниот пад на индустриското производство во Германија во ноември на месечно ниво. Веќе шести месец по ред слабее производството во најголемата економија во еврозоната.

Денеска, пак, инвеститорите ќе се фокусираат на извештајот за невработеноста во еврозоната во ноември.

И на повеќето азиски берзи цените на акциите пораснаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, порасна за 0,4 отсто во истиот пресек како и во Европа, откако вчера падна за речиси 1 отсто. Претпладнево на берзата во Токио индексот Nikkei порасна за повеќе од 1 отсто и достигна ново највисоко ниво во последните 33 години. Цените на акциите во Шангај и Австралија пораснаа меѓу 0,2 и 0,9 отсто, додека во Хонгконг и Јужна Кореја паднаа за околу 0,3 отсто.

Падот на индексот Kospi главно се должи на остриот пад на цената на акциите на јужнокорејски „Samsung“, откако технолошкиот гигант ги намали проценките за заработката во последниот квартал од минатата година.

На другите пазари во регионот има подобро расположение, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од растот на Волстрит на почетокот од седмицата, по големиот пад минатата недела. Вчера Dow Jones порасна за 0,6 отсто, додека S&P 500 порасна за 1,4 отсто, а Nasdaq индексот за 2,2 отсто.

Најмногу вчера пораснаа цените на акциите на производителите на чипови, како „Nvidia“ и „Advanced Micro Devices“, па индексот на тој сектор скокна за околу 3 отсто, откако минатата седмица потона за 5,8 отсто. Закрепнувањето на тој сектор делумно е благодарение на корекцијата на цената по минатонеделниот пад, а делумно и на падот на приносите на американските државни обврзници.

Значително пораснаа и цените на акциите на технолошките гиганти, како што се „Apple“, „Amazon.com“ и „Alphabet“, кои исто така драстично паднаа минатата седмица. Технолошките акции се многу чувствителни на движењата на инфлацијата и приносите на обврзниците.

Приносите се зголемија минатата седмица, бидејќи надежите на инвеститорите за агресивно намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка избледеа. Сепак, на почетокот на оваа недела приносите благо паднаа, што ги поддржа цените на акциите на технолошките компании.

„Овој пазар е дефинитивно воден од приносите засега, бидејќи инвеститорите се обидуваат да сфатат кога американската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки и колку ќе ги намали оваа година“, рече Бил Мерц, директор во компанијата „U.S. Bank Wealth Management“.