Европските инвеститори претпазливи, индексите стагнираат

На европските берзи се тргуваше претпазливо во вторникот претпладнето, како и на Волстрит претходниот тргвоски ден, па индексите стагнираа додека инвеститорите чекаат нови вести кои би можеле да го насочат пазарот.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 0,1 отсто во претпладневниот пресек од тргувањето, недалеку од највисокото ниво во историјата. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабна за 0,14 отсто, на 7.906 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,01 отсто, на 18.260 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,06 отсто, на 8.146 поени.

А на повеќето азиски берзи цените на акциите пораснаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа, порасна за 0,3 отсто и се движи на највисоките нивоа во последните осум месеци. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei ослабе за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Австралија паднаа за 0,4 отсто. Во Шангај, Хонгконг и Јужна Кореја се зголемија меѓу 0,2 и 0,9 отсто.

На берзите се тргува претпазливо, како што беше случајот на Волстрит претходниот ден, кога Dow Jones загуби 0,41 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,31 отсто, а Nasdaq индексот 0,27 отсто.

Минатата седмица овие индекси скокнаа за повеќе од 2 отсто, што е нивна најголема неделна добивка оваа година, откако лидерите на американската централна банка останаа на своите проценки дека оваа година би можеле да ги намалат каматните стапки трипати. Ова ги охрабри инвеститорите бидејќи се плашеа дека Fed ќе го одложи намалувањето на каматните стапки во јануари и февруари поради зголемената инфлација во САД.

На пазарот позитивно влијаеше и зголемувањето на прогнозата на шефот на Fed за економски раст оваа година од претходните 1,4 на 2,1 отсто.

Но, сите добри вести веќе се вградени на пазарот, кој расте веќе петти месец по ред. Индексите на Волстрит, во Јапонија, европскиот STOXX 600, како и глобалниот MSCI се движат на рекордно ниво. Затоа, велат аналитичарите, се поставува прашањето дали сѐ уште има простор за раст на цените на акциите.

„Индексите се лизнаа од височините што ги достигнаа по минатонеделниот состанок на Fed. Пазарот станува сè поранлив на корекција на цените на акциите“, вели Сем Стовал, стратег во „CFRA Research“.