На европските берзи во петок претпладнето се тргува претпазливо, а индексите стагнираат бидејќи инвеститорите не беа особено охрабрени од намалувањето на каматните стапки од страна на американската и британската централна банка.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек беше речиси непроменет во однос на вчерашниот ден.
Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,09 отсто, на 8.135 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,12 отсто, на 19.340 поени, а париски CAC 0,35 отсто, на 7.399 поени.
Иако вчера американската и британската централна банка ги намалија каматните стапки за 0,25 процентни поени, европските инвеститори претпладнево се на штрек. Тоа е последица на кризата на владата во Германија, како и неизвесноста во однос на политиките на новиот стар претседател на САД, Доналд Трамп, кој во претходниот мандат водеше протекционистичка економска политика.
Внимателно се тргува и на азиските берзи. Азискиот индекс MSCI беше во плус 0,1 отсто во истиот момент како и во Европа и е на пат да добие околу 3 отсто оваа седмица. Препладнево на токиската берза индексот Nikkei порасна за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Австралија пораснаа за 0,8 отсто. Во Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 0,1 и 0,7 отсто.
Поради протекционистичката политика на Трамп и најавата за зголемување на царините за увоз на кинески производи, на кинеските берзи се тргува внимателно. Зголемувањето на царините може да предизвика одговор од Кина и повторно, како и во претходниот мандат на Трамп, може да дојде до зголемување на трговските тензии меѓу двете најголеми светски економии.