Европските инвеститори претпазливи пред извештајот за инфлацијата во САД

На европските берзи се тргува претпазливо во четврток претпладнето, бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат ризици пред објавувањето на извештајот за инфлацијата во САД, што може да влијае на насоката на пазарот.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,1 отсто, зајакнувајќи втор ден по ред.Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,28 отсто, на 8.265 поени, додека франкфуртски DAX ослабе за 0,08 отсто, на 19.239 поени, а париски CAC за 0,14 отсто, на 7.550 поени.

И на азиските берзи цените на акциите пораснаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот пресек од тргувањето како и во Европа порасна за 0,8 отсто. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг пораснаа меѓу 0,2 и 2,9 отсто.

Силниот раст на цените на акциите на кинеските берзи е благодарение на новата програма за замена на кинеската централна банка која може да внесе до 70 милијарди долари свежа ликвидност на пазарите на капитал, доколку е потребно. Корисници на оваа програма можат да бидат различни финансиски институции, брокерски куќи, инвестициски фондови и осигурителни компании, се со цел стимулирање на пазарот на капитал.

Цените на акциите пораснаа и на другите берзи во регионот бидејќи инвеститорите беа охрабрени од новите рекорди на Волстрит. Имено, Dow Jones и S&P 500 индексот достигнаа нови рекордни нивоа, откако пораснаа за повеќе од 1, односно 0,7 отсто.

Рекордните нивоа следеа по објавувањето на записникот од последната седница на американската централна банка, каде каматните стапки беа намалени за агресивни 0,50 процентни поени. Записникот покажа дека значително мнозинство од челниците на Fed гласале за вакво зголемување на каматните стапки, но и заклучиле дека тоа и не значи продолжување на толку острото намалување на цената на парите.

„Записникот, исто така, покажа дека претставниците на Fed веруваат дека ја победиле инфлацијата“, вели Линдзи Бел, стратег во компанијата „248 Ventures“.

Во четврток инвеститорите ќе се фокусираат на новите податоци за инфлацијата во САД, кои ќе покажат дали се отвора дополнителен простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки. Пазарот проценува дека има околу 80 отсто шанси Fed да ги намали каматните стапки за дополнителни 0,25 процентни поени во ноември.