Европските инвеститори се претпазливи пред насоките од САД

На европските берзи во петокот претпладнето берзанските индекси благо пораснаа, но тргувањето е претпазливо бидејќи инвеститорите го очекуваат говорот на претседателот на американската централна банка Џером Пауел во Џексон Хол.

STOXX 600 индексот на водечките европски акции во првиот дневен пресек одтргувањето порасна за 0,1 отсто, па трета седмица по ред е на пат кон добивка. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,27 отсто, на 8.310 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,21 отсто, на 18.530 поени, а париски CAC за 0,28 отсто, на 7.545 поени.

Денеска во фокусот на инвеститорите ќе биде говорот на претседателот на Fed, Џером Пауел на традиционалниот состанок на централните банкари во Џексон Хол. Инвеститорите се надеваат дека Пауел може да разјасни како монетарните власти гледаат на ситуацијата во однос на каматните стапки, инфлацијата и пазарот на трудот.

Берзанските индекси силно пораснаа во последните неколку недели, бидејќи инвеститорите веруваат дека намалувањето на инфлацијата ќе ја натера Fed да ги намали клучните каматни стапки во септември, за прв пат по годините на затегнување на монетарната политика. Се очекува Fed да ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, а некои веруваат дека е можно поостро намалување за 0,50 процентни поени.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во минус од 0,2 во и стиот период од тргувањето како и во Европа, но е на пат да добие 0,8 отсто оваа седмица. Претпладнево на токиската берза индексот Nikkei порасна за 0,4 отсто, додека цените на акциите во Шангај пораснаа за 0,2 отсто. Во Јужна Кореја, Австралија и Хонгконг тие паднаа меѓу 0,1 и 0,2 отсто.