На европските берзи се тргува претпазливо во петок претпладнето, бидејќи инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред првата проценка на инфлацијата во еврозоната во мај.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето беше речиси непроменет во однос на вчерашниот ден кога порасна. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,07 отсто, на 8.237 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,07 отсто, на 18.484 поени. Парискиот CAC порасна, пак, за 0,14 отсто, на 7.989 поени.
Инвеститорите се претпазливи бидејќи подоцна денеска Eurostat ќе ја објави првата проценка за инфлацијата во еврозоната во мај.
Бидејќи инфлацијата во блокот на употреба на единствената валута се намалува со месеци, се очекува Европската централна банка (ECB) следната седмица да ги намали каматните стапки, а темпото на олабавување на монетарната политика во наредниот период ќе зависи од натамошното движење на инфлацијата.
Ана азиските берзи цените на акциите пораснаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа порасна за 0,5 отсто, но за цела недела загуби околу 1,4 отсто. И покрај овонеделниот пад, тој индекс е на пат за четврта последователна месечна добивка, со зголемување од 2,7 отсто.
Претпладнево јапонскиот индекс Nikkei порасна за 1,1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Хонгконг и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 1 отсто. Во Шангај, пак, благо паднаа.
Растот на индексите главно се должи на корекцијата на цените на акциите, откако вчера тие паднаа на најниските нивоа во последните три седмици, а во фокусот на инвеститорите се макроекономските податоци во регионот.
Утрово беше објавено дека во април индустриското производство во Јапонија неочекувано паднало за 0,1 отсто на месечно ниво, додека во Јужна Кореја пораснало за 2,2 отсто, повеќе од очекуваното. Податоците од Кина, пак, покажаа дека во мај индексот на индустриска активност PMI неочекувано паднал на 49,5 поени, од 50,4 поени еден месец претходно.