Директните загуби на европските компании на рускиот пазар од почетокот на инвазијата во Украина кон крајот на февруари 2022-ра изнесуваат најмалку 100 милијарди евра, пишува британскиот дневен весник The Financial Times (FT), кој ги анализирал деловните извештаи на најголемите европски компании за последната година и половина.
Според весникот, 176 европски компании во посочениот период се соочиле со „обезвреднување на активите, трошоци поврзани со валутниот курс и други еднократни расходи предизвикани од продажбата, затворањето или намалувањето на рускиот сегмент од нивните деловни активности“. Истовремено се нагласува дека анализата не ги земала предвид индиректните макроекономски фактори, како што се зголемените трошоци за енергетските ресурси и другите производи како последица на војната во Украина и западните санкции воведени кон Русија поради тоа.
Покрај случаите како неодамнешното префрлање на уделот на странските компании во руската структира на производителот на млечни продукти „Danone“ и пиварницата „Балтика“ во привремена управа на руската Федерална агенција за управување со имот, експерите на The Financial Times сугерираат дека европските компании „ги очекува уште една болка“. Истовремено Киевскиот економски колеџ истакнува дека половината од 1.900 фирми кои се во сопственост на европски компании и натаму работат во Русија.
Во написот на The Financial Times се нагласува дека нафтените и гасни компании претрпеле најголеми загуби. Така, севкупните загуби на енергетските концерни „BP“, „Shell“ и „TotalEnergies“ според нивните пресметки изнесувале 40,6 милијарди евра. Сепак, овие корпорации не доживеале поголеми финансиски тешкотии поради глобалниот раст на цените на енергенсите минатата година, па всушност забележале рекорден севкупен профит од 95 милијарди евра.
Кога станува збор компаниите кои се активни во индустријата, вклучително и автомобилската, нивните загуби во Русија изнесуваат 13,6 милијарди евра, додека финансиските корпорации, особено банките, забележале отписи и други трошоци во износ од 17,5 милијарди евра.