Oчекувањата на европските потрошувачи се влошија во ноември по неколку месеци благ оптимизам, покажа извештајот на Европската комисија, по знаците за забрзан раст на цените во Европската унија и во еврозоната.
Индексот кој го мери расположението на потрошувачите во еврозоната паднал во ноември за 1,2 поени во однос на октомври, на минус 13,7 поени, што е најниско ниво од јуни, покажуваат пресметките на ЕК. Неговата вредност се намали првпат од јуни.
И индексот кој ги следи очекувањата на потрошувачите во ЕУ покажува влошување, првпат од крајот на минатата година, со пад на вредноста за 1,1 поен, на минус 12,4 поени.
Истражувањето на тој начин покажа дека расположението на европските потрошувачи во ноември паднало дури и пониско од долгорочниот просек, утврдила Комисијата, која преку анкети собирала податоци од 1-ви до 20-ти ноември.
Влошувањето на очекувањата на европските потрошувачи следи по проценките на Европскиот завод за статистика, според кои инфлацијата во ЕУ и во еврозоната во октомври се забрза за првпат од почетокот на летото, на 2,3, односно 2,0 отсто.
Комплетниот извештај за очекувањата во економијата ЕК ќе го објави на крајот на месецот.