Европските сили бараат место на масата во преговорите за Украина

Европските сили, во прв ред Велика Британија, Франција и Германија, објавија во средата дека мора да учествуваат во сите идни преговори за судбината на Украина, истакнувајќи дека само „праведниот мир со безбедносни гаранции би обезбедил траен мир“.

„Нашите заеднички цели би требало да вклучуваат ставање на Украина во позиција на сила. Украина и Европа мора да бидат дел од какви и да се преговори“, стои во заедничката изјава на седум земји и Европската комисија.

„На Украина треба да ѝ бидат дадени силни безбедносни гаранции. Праведен и траен мир во Украина е неопходен услов за силна трансатлантска безбедност“, стои уште во изјавата во којашто се додава дека „европските сили се радуваат на разговорите со своите американски сојузници за натамошните мировни чекори“.

Министрите за надворешни работи на Велика Британија, Германија, Италија, Полска, Франција, Шпанија и Европската унија се сретнаа во средата со украинскиот министер за надворешни работи во Париз.

Состанокот, закажан пред неколку седмици, имаше цел да се исцрта одбранбената стратегија на блокот, дискусија за тоа како да се зајакне Украина, планирање на идните евентуални мировни преговори и дебата за тоа како да се пристапи во разговорите со американската администрација кога ќе се сретнат на годишната безбедносна конференција во Минхен овој викенд.

На овие теми европските земји мораа да им пристап во нова димензија откако американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека враќањето на украинските граници од пред 2014 година е нереален, како и дека САД не го гледаат членството на Украина во НАТО како дел од решението на војната и дека Европа мора да преземе поголем удел во помошта на Киев.

По коментарите на Хегсет следеше телефонскиот разговор на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега по должност Владимир Путин, по што Трамп изјави дека нивните тимови се договорија дека веднаш ќе ги започнат разговори за подготвување средба на која ќе се преговори. Притоа американскиот челник ги потврди претходните изјави на неговиот шеф на Пентагон во врска со условите за постигнување мир кои досега Киев ги истакнуваше како свој императив.

Водечките европски земји не биле однапред известени за телефонскиот разговор, и биле изненадени од отвореноста на ставот на Хегсет, рекле за Reuters неименувани дипломати.

На прашањето дали некоја држава ќе биде вклучена во мировните преговори за Украина, портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит одговори „Во моментов нема ниедна европска држава коај е вклучена“.