Евроскептичната AfD ja мина SPD, речиси половината Германци сакаат Меркел да замине предвреме

Евроскептичната и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) првпат од своето формирање пред нецели пет години ја мина според популарноста најстарата партија Социјладемократската партија на Германија (SPD), којашто со децении беше меѓу двете најсилни партии во земјата, покажа испитувањето на јавното мнение чиишто резултати се објавени во неделата.

Според истражувањето на агенцијата Emnid за потребите на неделното издание на весникот Bild, AfD има поддршка од 17 отсто од избирачите, додека SPD падна на 16 процентна поддршка.

Анкетата била спроведена во периодот од 20-ти до 26-ти септември на 1.902 испитаници, а биле прашани за кого ќе гласаат кога изборите би се одржале во неделата.

Лошо минаа во оваа анкета и конзервативците, односно Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел и нејзината сестринска баварска партија Христијанско-социјална унија (CSU). Оваа Унија има поддршка од 27 отсто од избирачите, што е најмалку во долгогодишните испитувања на Emnid.

Унијата CDU/CSU и SPD ја сочинуваат ткн Голема коалиција која ја формираа по повеќемесечни преговори за да не бидат распишани нови парламентарни избори, откако на последните парламентарни избори и двете партии постигнаа историски најлоши резултати. Сега заедно имаат поддршка од 43 отсто од гласачите а на ланските избори освоија заедно 53,4 отсто од гласовите.

Унијата 90/Зелените и Левица (Die Linke) кои вообичаено добиваа доверба од 15 отсто, во ова истражување имаат по 11-процентна подршка, а веднаш зад нив е либералната Слободна партија на Германиа (FDP) со поддршка од 10 отсто од избирачите.

Во одвоено испитување на Emnid, спрведено во четвртокот на 505 испитаници, 48 отсто рекле дека повеќе не сметаат дека канцеларката Ангела Меркел е најдобрата личност за оваа должност. Покрај тоа, 46 проценти сметаат дека таа не би требало да го одработи својот мандат до крајот, односно да остане на власт до 2021 година.

На крајот, дури 41 од испитаниците рекле дека сакаат нови парламентарни избори.