Евросонг ја одобри изменетата верзија на израелската песна

Организаторите на Евровизија одобрија изменета верзија на израелската песна, откако првата верзија се сметаше за премногу политичка.

Израел сега ќе учествува на натпреварот, објави во четвртокот јавниот радиодифузен сервис KAN, цитирајќи ја одлуката на организаторите, Европската радиодифузна унија (ЕБУ) во Женева. Телевизијата е еден од организаторите кои учествуваат на Изборот за песна на Евровизија. Израелскo-руската пејачка 20-годишната Еден Голан во мај во Шведска ќе ја изведе преработената песна, сега наречена „Ураган“.

Во неделата Израелската радиодифузна корпорација (KAN) објави дека ќе го измени текстот на песната со која има намера да се натпреварува на изборот Евровизија за да го елиминира секој политички елемент и да го гарантира своето учество. Откако првично се закани дека ќе се повлече од конкурсот доколку израелската песна не биде прифатена каква што е, KAN на крајот објави дека конечно се согласиле со мислењето на израелскиот претседател Исак Херцог кој „ги предложи потребните прилагодувања“.

„KAN контактираше со текстописците на двете избрани песни, ‘Октомвриски дожд’ (October Rain), која беше избрана како прва и ‘Танц засекогаш’ (Dance Forever), која беше второпласирана, барајќи од нив да го адаптираат текстот со зачувување на уметничката слобода“, соопштија од корпорацијата.

„Октомвриски дожд“ не го споменува експлицитно крвавиот напад што Хамас го изврши на југот на Израел на 7-ми октомври, но според израелските медиуми и независните набљудувачи, текстот на песната не остава простор за сомнеж.

„Танц во бура/ Немаме што да криеме/ Одведи ме дома/ Остави го светот зад себе/ И ветувам дека тоа никогаш повеќе нема да се случи/ Уште сум мокра од овој октомвриски дожд“, гласеше текстот на песната.

Пејачката во недела вечерта првпат ќе ја изведе песната на израелската телевизија. Песната ја има истата мелодија како и претходната верзија на „Октомвриски дожд“, која организаторите ја прогласија за премногу политичка. Според медиумите, песната се однесува на масакрот на милитантите на Хамас во Израел на 7-ми октомври.

Менаџментот на KAN најави дека со промената на текстот е исполнето и барањето на претседателот Исак Херцог, кој влезе во бордот на директори на телевизијата.

„Херцог беше за настап на Израел на Евровизија во време кога оние кои ја мразат земјата сакаа да ја исклучат и бојкотираат земјата“, велат од израелскиот радиодифузер.

Телевизијата првично соопшти дека не сака да го менува текстот, но потоа ја промени одлуката. Доколку тоа не беше сторено, Израел немаше да може да се натпреварува на Евровизија.

Неколку земји ги повикаа организаторите да му забранат на Израел да учествува на Изборот за песна на Евровизија во знак на протест против огромните цивилни жртви во војната во Појасот Газа. Шведските музичари, меѓу другите, повикаа Израел да биде исклучен од Евровизија поради војната во Газа, аргумент што организаторите го отфрлија иако пред две години ги применија во случајот на Русија или Белорусија.

Израел е првата неевропска земја на која ѝ е дозволено да учествува на Изборот за песна на Евровизија во 1973 година. Израелските изведувачи победија четири пати.