Евростат: Дознаките на албанските иселеници во 2021 година изнесуваат 1,13 милијарда евра

Според Европската агенција за статистика „Евростат“ албанската дијаспора во 2021 година испратила околу 1,13 милијарда евра, што е поголем процент од земјите на ЕУ, јави Топ чанел.

-Евростат покажува дека нашата земја има најголема зависност од дознаки на емигрантите, како во регионот така и во целиот континент, достигнувајќи 6,7 отсто од Бруто домашниот производ (БДП). По Албанија доаѓа Црна Гора со 6,1 отсто. Набљудувајќи ги податоците понатаму, може да се забележи дека најголеми износи испратиле албанските иселеници во Италија, која и понатаму води на списокот, наведува телевизијата.

Од Италија дознаките изнесуваат околу 279 милиони евра, потоа следи Велика Британија со 206 милиони евра. Од 2017 година, сумата на пари испратена од островот се зголемила за 11 милиони евра, поради фактот што се повеќе Албанци се иселуваат кон оваа дестинација.

На трето место е Германија, со вкупно 172,8 милиони евра, што е зголемување за 70 отсто споредено со 2017 година кога од оваа земја биле испратени 100 милиони евра. На четврто место е Грција од каде се испратени 172,3 милиони евра. Иако во последните години оваа земја е помалку претпочитана за емиграција, дознаките и понатаму се зголемуваат. Тие 2017 година изнесувале 90 милиони евра.

Од 27-те земји на ЕУ се испратени 744,6 милиони евра, додека останатите дознаки се од држави надвор од европскиот континент, главно од САД.