Месец јануари ќе биде пресуден, дали граѓаните во иднина ќе добијат поевтина или поскапа електрична енергија. Овој петок истекува рокот за доставување понуди за Универзален снабдувач на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Која фирма ќе ги снабдува граѓаните во Македонија и со која маржа ќе учествува на пазарот на електрична енергија ќе се пресече по доставувањето на понудите.
Евростат потврди дека македонските граѓани плаќаат најскапа струја во регионот: Изборот на најповолен универзален снабдувач ќе ги намали сметките
Месец јануари ќе биде пресуден, дали граѓаните во иднина ќе добијат поевтина или поскапа електрична енергија. Овој петок истекува рокот за доставување понуди за Универзален снабдувач на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Која фирма ќе ги снабдува граѓаните во Македонија и со која маржа ќе учествува на пазарот на електрична енергија ќе се пресече по доставувањето на понудите.
Дали граѓаните ќе имаат подобар животен стандард или ќе крпат крај со крај да ги платат високите сметки за струја, ќе зависи од изборот на Универзалниот снабдувач, односно од изборот на компанија со најконкурентна понудена маржа.
Да се избере најниска понудена маржа, во пракса значи да учествуваат поголем број компании во јавниот повик за Универзален снабдувач.
Политиката на здрава конкуренција е една од најзначајните поглавја на Европската Унија. Правилата треба да овозможат претпријатијата да се натпреваруваат под еднакви услови на пазарот. За потрошувачите во овој случај ќе значи дека треба да се обезбедат поконкурентни, односно пониски цени за електрична енергија, појаснуваат експертите.
На јавниот повик за Универзален снабдувач, покрај досегашниот снабдувач ЕВН, како најсериозен понудач се појави и компанијата ЕДС, зад која стои грчката ППС, лидер во енергетскиот сектор во Југоисточна Европа. Од ЕДС пред извесно време информираа дека нивната понуда на јавниот повик ќе биде со најниска профитна маржа, но истовремено и фрлија сомнеж врз целокупната постапка и во (не) создавањето на фер услови за учество во јавниот повик за Универзален снабдувач.
Во јавноста веќе има негодувања по однос на информациите дека однапред се знае кој ќе го добие атрактивниот тендер, но од Владата официјално информираа дека ќе биде избрана најповолната понуда.
Согласно критериумите наведени на јавниот повик ќе биде избран економскиот оператор кој ќе достави најповолна понуда“, информираа пред извесно време од Владата.
На тендерот заинтересираните треба да достават писмена понуда, по што ќе се оди на електронска аукција, а добрата работа е што максималната профитна маржа што може да се понуди е сегашната – 11,5 проценти. Ако, некоја компанија достави над таа маржа, нема да се разгледува понудата.
Цената на струјата е од исклучителна важност за македонските граѓани, ако се земе в предвид дека едно просечно домаќинство има поголем број членови од европскиот просек. Тоа значи поголема потрошувачка на електрична енергија и многу повисоки цени. Дали преку здрава конкуренција граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките или ќе плаќаат најскапа струја во регионот како досега, ќе одлучи комисијата по јавниот повик, односно Владата. Дека во земјава се плаќа најскапа струја од земјите во регионот покажуваат најновите податоци на европската статистичка служба Евростат за првата половина од 2023 година.