Бројот на пожарникари во Европската Унија опаѓа, иако блокот се соочува со сè поголеми пожари како резултат на климатските промени.
Унијата лани имала вкупно 360.000 пожарникари, што е за 2.800 помалку од 2021 година, покажуваат новите податоци објавени од Евростат.
– Намалувањето на бројот на пожарникари во екот на климатската криза е рецепт за катастрофа, рече Естер Линч, генерална секретарка на Европската конфедерација на синдикати. – Јасен е зголемениот ризик од пожари предизвикани од климатските промени цело ова лето и мораме да обезбедиме нашите противпожарни служби да имаат персонал и ресурси што им се потребни за да ја завршат својата спасувачка работа, додаде таа, повикувајќи ги земјите да ги засилат инвестициите во гаснењето пожари, објави Политико.
Според Евростат, десет земји го намалиле бројот на пожарникари во периодот од 2021 до 2022 година, а најголем пад има во Франција, Романија, Португалија, Словачка Бугарија и Белгија.
Бројот на пожарникари во Франција се намали за 5.400, додека Романија и Португалија намалија 4.250 и 2.907 пожарникари, соодветно. Шпанија додаде 617 пожарникари во истиот период, додека Италија додаде 546.
Брисел направи напори да ја прошири улогата на ЕУ во одговорот при катастрофи и гради постојана флота на авиони за гаснење пожари кои можат да бидат испратени во ранливите земји. Но, експертите укажуваат и на потребата од превентивни мерки како што е активно управување со шумите за подобро спречување на шумски пожари.