Евростат: Во 2021 година бројот на жители во ЕУ се намалил за 172.000

Бројот на жители во ЕУ се намалил во 2021 година, втора година по ред, поради последиците од пандемијата на Ковид-19, покажуваат денеска објавените податоци на европската статистичка агенција Евростат.

Вкупното население на 27-те земји-членки на ЕУ падна од 447 милиони на 1 јануари 2021 година, на 446,8 милиони на 1 јануари 2022 година, со нето намалување од 172.000 луѓе, се вели во соопштението.

„Негативниот природен прираст не беше компензиран со позитивниот број мигранти, втора година по ред, најверојатно поради влијанието на пандемијата“, велат од Евростат.

Демографскиот пад се објаснува главно со зголемувањето на бројот на умрени, за 113.000 повеќе од 2020 година, додека бројот на новороденчиња остана речиси на исто ниво.

Во исто време, ЕУ привлече повеќе нови жители кои дојдоа од надвор, така што минатата година пристигнаа околу 1,06 милиони луѓе во споредба со 800.000 кои пристигнаа во 2020 година. Тој зголемен број сепак беше недоволен за да се компензира нарушената рамнотежа меѓу смртните случаи и родените (негативниот природен прираст изнесуваше 1,23 милиони луѓе).

Евростат посочува дека постои голема разлика меѓу земјите-членки на ЕУ, бидејќи само десет земји на ЕУ забележале пад на населението во 2021 година, почнувајќи од Италија каде имало 253.100 луѓе помалку. Од друга страна, раст на населението е забележан во 17 други земји, поточно во Франција со пораст од 185.900 луѓе.

„Со оглед на влијанието на пандемијата Ковид-19 од 2020 година и фактот дека бројот на смртни случаи сепак треба да се зголемува поради стареењето на населението, и ако се претпостави дека стапката на фертилитет ќе остане на релативно ниско ниво, овој негативен пораст на населението (повеќе смртни случаи отколку раѓања) може да продолжи“, предупредуваат експертите на Евростат. Ако тоа е случај, додаваат тие, демографскиот пад или растот во ЕУ во иднина најверојатно во голема мера ќе зависи од придонесот на имиграцијата.