Блокадата на граничниот премин Евзони денеска се очекува да трае до 17 часот. Според информациите во Грција, земјоделците најавиле дека планираат да продолжат со блокадата до вечерните часови, а потоа да се тргнат и да почнат да пропуштаат возила.
Граничниот премин е блокиран од повеќе од 200 трактори, а поради блокадата има долги редици со возила и со камиони. Земјоделците најавија дека ќе дозволат да се пропуштаат камиони со фрижидери кои пренесуваат храна и лесно расипливи производи. Попладне, по 17 часот, се очекува земјоделците од Северна Грција кои го блокираат Евзони да се состанат и да се договорат за следните чекори од штрајкот. Граничниот премин е блокиран од понеделникот попладне, а блокадата создава бројни проблеми и за патниците кон Грција, како и за товарниот превоз од и кон земјата.
Во Солун има блокада на патот кон солунскиот аеродром „Македонија“ од земјоделците од Халкидики.
Земјоделците планираат да одржат протест в сабота, на отворањето на саемот за земјоделство во Солун.