Ф1: Норис потпиша нов повеќегодишен договор со Мекларен

Британскиот возач Ландо Норис потпиша нов, повеќегодишен договор со Мекларен, објави во петокот британскиот тим од Светскиот шампионат во класата Формула 1.

Во Мекларен се надеваат дека оваа вест ќе ги замолчи шпекулациите дека Норис требало да се пресели во ривалскиот тим Ред Бул.

Овој 24-годишен возач е еден од најпочитуваните во светот на Формула 1, а претходниот договор го врзуваше со Мекларен до крајот на 2025 година. Новиот договор треба да го врзува Норис со Мекларен уште неколку години, но поединости не се соопштени. Соработката меѓу Мекларен и Норис започна пред шест години.

Иако минатата сезона ја започна со скромни резултати, Норис на крајот заврши на шестото место во генералниот пласман, а на шест трки беше втор. Во изминатите 104 настапи на трките во Формула 1, Норис на подиумот се искачи 13 пати, но допрва треба да ја вкуси сласта на победата.

„Со оглед на тоа што успеавме да направиме минатата година, имајќи предвид дека ова е тимот во кој сум од почетокот на мојата кариера, тоа е тимот со кој сакам да ја продолжам мојата приказна и да ги остварам целите што си ги поставив, а тоа се победи и освојување на титулата светски шампион. Мекларен е тимот со кој сакам да го направам тоа. Ме воведоа во светот на Формула 1 и ми дадоа можност“, рече Норис во официјалната изјава, осврнувајќи се на гласините дека тој е цел на Ред Бул.

„Навистина, ништо од кој и да е друг тим не е доволно убедливо за мене за некогаш сериозно да размислувам за заминување во друг тим. Колку и да сакам да бидам во тимот кој е најбрз, има и елемент дека сум во тимот затоа што сакам натпреварување, сакам да се забавувам и во сето тоа уживам“, додава Норис.

Бидејќи тимскиот колега на Норис, Оскар Пјастри, го продолжи договорот минатиот септември, Мекларен треба да ја има оваа возачка постава најмалку уште три сезони.

Сепак, необјавувањето на поединостите од новиот договор на Норис остави простор за шпекулации за постоење клаузула која ќе му овозможи на 24-годишниот Британец да го напушти Мекларен пред истекот на договорот.

„Понекогаш се разговара за условите на договорот, а понекогаш не. Не гледам причина да ги објавам деталите за нечиј договор“, изјави оперативниот директор на Мекларен, Зек Браун.