ФА Куп: Ливерпул и Вулверхемптон ремизираа на „Енфилд“

Фудбалерите на Ливерпул и Вулверхемптон ремизираа со резултат 2:2 на „Енфилд“, во третото коло од англискиот ФА Куп, а патникот во следната рунда ќе биде решен во повторениот дуел.

Но тогаш, на 17-ти јануари домаќин ќе биде Вулверхемптон, што уште повеќе му ја отежнува работата на Ливерпул, актуелниот освојувач на ФА Купот.

Ливерпул подобро го отвори натпреварот, а една од подобрите прилики на стартот јаимаше Холанѓанецот Гакпо, кој во саботата навечер дебитираше за Ливерпул. Сепак, следеше рамноправна игра, а гостите беа и многу опасни. Вулверхемптон поведе во 26 минута по киксот на домашниот голман Алисон. Бразилскиот голман буквално му ја додаде топката на Гонкало Гуедеш, а Португалецот погоди за 1:0.

До крајот на полувремето Ливерпул израмни, а Дарвин Нуњез погоди во 45 минута. Ливерпул многу брзо поведе, веќе во 52 минута Мохамед Салах погоди за 2:1.

Тие два гола целосно ги ослободија домашните играчи, кои одиграа енергично и доминантно против Вулверхемптон, но и пропуштија шанси. За тоа беа казнети во 66 минута кога јужнокорејскиот играч Хванг Хи Чан погоди за 2:2, но Алисон повторно реагираше лошо, па топката мина низ неговите нозе и заврши зад неговиот грб во мрежата.

До крајот на натпреварот Португалецот Тоти го постигна петтиот гол за 3:2 на Вулверхемптон, но голот беше поништен поради недозволена позиција, па дуелот заврши без победник. Повторениот меч ќе го реши патникот во 4-то коло, но домаќин ќе биде Вулверхемптон.

Останатите натпревари од третото коло ќе се играат во недела и понеделник. Апсолутното дерби од оваа фаза од ФА Купот е неделната пресметка на „Етихад“ меѓу Манчестер Сити и Челзи, која започнува во 17 часот и 30 минути. Освен повторените натпревари кои завршија нерешено, претходно последниот натпревар од 3-то коло се игра во понеделник меѓу Оксфорд и Арсенал, водечкиот тим во Премиер лигата.