Најголемата социјална мрежа на светот Facebook повеќе нема да ги забранува и отстранува објавувањата на теории коишто тврдат дека коронавирусната болест има вештачко потекло, во моментот кога во САД повторно се отвора расправата за хипотезата според којашто вирусот „побегнал“ од лабораторија во Кина.
„Во заднината на истрагите коишто се водат во моментов за потеклото на Covid-19 и во договор со здравствените стручњаци, повеќе нема да ги отстрануваме од нашите платформи објавите за тоа дека Covid-19 го создал човек и дека е произведен“, истакна калифорниската групација на својата мрежна страница.
Сега технолошката корпорација, чии услуги ги користат околу 3,45 милијарди луѓе во светот на најмалку една од нејзините четири платформи – Facebook, Instagram, Messenger и WhatsApp – постапува спротивно од претходните нејзини правила кога тврдеше дека станува збор за дезинфомирање во времето на панемијата на Covid-19 кои уште во февраури годинава беа најинтензивно актуелизирани.
Од друга страна, сервисот за микроблогирање Twitter не ги променува, барем засега, „правилата за дезинформирање“ во врска со Covid-19.
Радикалниот пресврт на Facebook поттикна бројни реакции на американските конзервативци и приврзаници на поранешниот претседател Доналд Трамп кои ги обвинија социјалните мрежи за цензурирање и замолчување на почетокот од пандемијата кога многумина од нив истакнуваа дека коронавирусот е вештачки создаден.
„Една година ги отстрануваа таквите наводи клеветејќи ги Трамп и републиканците за ‘теории на заговор’, ставајќи ги на црната листа конзервативните медиуми и забранувајќи нѐ“, објави на Twitter блогерката Кели Седлер, поранешна советничка на Доналд Трамп.