Фалсификуваните евра внесени во Косово се прават во Македонија, тврди Косовското обвинителство

Специјалното обвинителство на Република Косово, по запленувањето на над 85 илјади фалсификувани евра во кованици од по две евра минатиот вторник, кои се дистрибуираат во Косово и други земји од регионот, соопшти дека тие се произведуваат во Северна Македонија, јави МИА од Приштина.

Ова тврдење се наведува во синоќешното соопштение на Обвинителството, по повод неговото барање за одредување едномесечен притвор за шестмината уапсени, од кои тројца македонски и тројца косовски државјани, кај кои на 28 ноември беа откриени метални монети со апоени од две евра, во вкупен износ од 85.010 евра.

Во барањето до Обвинителството кое го пренесе невладината „Заклетва на правдата“, која ја следи работата на косовските судски институции, се вели дека „постои сомневање оти обвинетите Б.А, Ш.А, А.А, С.Р, М.К. и Х.Д., со цел незаконски да се стекнат со материјална корист за себе и за групата, во неверификувано време обезбедиле фалсификувани пари, произведени во Северна Македонија и вкупно 42.505 парчиња метални монети со апоени од 2 евра, во вкупен износ од 85 илјади евра“.

Наведено е дека осомничените потоа ги ставиле монетите во разни кеси, камуфлирајќи ги за да личат на товари обична стока и ги ставиле во автомобили, а потоа на 28 ноември годинава ги донеле во Косово, каде координирано се сретнале кај Генерал Јанковиќ со обвинетите С.Р., М.К. и Х.Д. со цел заедно да го продолжат патот до Приштина.
Според планот, во косовскиот главен град била планирана купопродажба на фалсификуваните пари, односно прием и испорака на количината на фалсификувани пари, при што се откриени и идентификувани од полицијата, која интервенира и на дело ги уапсила, одземајќи им ја сумата на фалсификувани пари.

Косовското обвинителство цени дека осомничените со овие дејствија во соработка сториле кривично дело „Купување, прифаќање и прикривање предмети прибавени со кривично дело, од член 333 (ст. 1) по член 31 од Законот бр. 06/L-074 Кривичен законик на Република Косово“.

Во реконструкцијата на настанот, обвинителството наведува и дека осомничените Б.А, Ш.А и А.А., на 28 ноември, во Генерал Јанковиќ се сретнале со обвинетите С.Р., М.К. и Х.Д., ставајќи ги фалсификуваните евра во автомобил Фолксваген „Пасат“ кој го управувал Х.Д., по што заедно продолжиле за Приштина, за да се сретнат на бензинската пумпа „Шел“, каде што било планирано примопредавањето на фалсификуваните пари. Во текот на трансакцијата тие се откриени и идентификувани од полицијата која интервенирала и на дело ги привела сторителите и ја одзела споменатата количина фалсификувани пари.