FARC основа политичка партија

Поранешното колумбиско левичарско движење Револуционерни вооружени сили на Колумбија (Fuerzas Armadas Revolucionarias de Colombia – FARC), коешто пред една година по повеќе од половина век судири склучи мир, започна во неделата нова фаза отворајќи го својот прв конгрес без оружје по кој ќе основа политичка партија.

„FARC с претвора во нова, исклучиво политичка организација којашто ќе дејствува со правни средства. И во иднина ќе се бориме за демократски систем кој ќе гарантира мир со социјална праведност“, изјави главниот командант на герилата Родриго Лондонo Ечевери наречен Тимоченко (или Тимошенко), проследен со аплауз од 1.200 делегати од поранешните упоришта на до неодамна најмоќната герила на американскиот континент која на 15-ти август го заврши предавањето на оружјето.

На овој конгрес кој се одржува во Богота а ќе заврши во четврток, главно ќе се дискутира зад затворени врати. На конгресот треба да биде одобрена програмата на ова ново политичко движење на левицата и да се одлучи за неговиот назив.

Делегатите треба да ги изберат своите кандидати за изборите кои ќе се одржат во 2018 година. Потоа во петокот на плоштадот Боливар, каде што е зградата на парламентот, свечено ќе биде објавено формирањето на партијата.

Поранешната герила којашто во времето на нејзиното основање во 1964 година беше марксистичка, дене повикува на „широко единство на обединување кое ги преминува границите на левицата (…) за да може да ја шири демократијата“, изјави Пастор Алапе, член на раководството на FARC.

Колумбиската влада и FARC кон крајот на август 2016 година во кубанската престолнина Хавата објавија дека по четири години со меѓународно посредување постигнале мировен договор за запирање на најдолгиот вооружен конфликт на северната хемисфера. Подоцна ланскиот ноември во Богота беше потпишан моровниот договор со претседателот Јуан Мануел Сантос, кој за овој мировен договор ја доби годинешната Нобелова награда за мир.

По постигнувањето на договорот со кој треба да се стави дефинитивен крај 52-годишниот вооружен конфликт во кој загинале најмалку 260.000 луѓе, над 60.000 се водат како исчезнати, а 6,9 милиони лица се раселени, Колумбијците на референдумот од 2-ри октомври 2016 година неочекувано не го прифатија мировниот договор. Противниците тогаш го оценија овој договор како преблаг кон герилците, кој им овозможува да се извлечат неказнето за убиствата.

Со новиот договор по неуспешниот референдум, не се допираат клучните прашања, вклучително и разоружувањето на FARC кој ќе се трансформира во политичка партија којашто низ неколку фази и години ќе се вклучува во политичкиот живот на Колумбија. Меѓутоа, со него се воведуваа неколку „новини“ во клучните одредби од оригиналниот мировниот договор. Не беше усвоен предлогот да им се забрани учество на изборите на бунтовничките водачи одговорни за тешки злосторства. Исто така, во новиот договор се задржа одредбата според којашто челниците на FARC ќе избегнат судски прогон доколку ги признаат своите недела и им платат отштета на жртвите, но се специфирани некои ограничувања за нивната слобода.