Фармацевтскиот факултет-Скопје во состав на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје е најпрестижната реномирана високообразовна институција со повеќе од 45 години традиција во академска едукација и лидер во образованието на кадри од областа на фармацијата во Република Македонија.
Со завршувањето на Фармацевтскиот факултет во состав на УКИМ во Скопје, студентите имаат сигурно место на вработување на пазарот на трудот кај нас, но и вон Македонија. За другите активности на полето на наставниот процес, научните и апликативните истражувања, улогата на студентите, за тоа се уверив при посетата на факултетот и разговор со менаџментот на факултетот.
Историјат на Фармацевтскиот факултет-Скопје
Историскиот развој на Фармацевтскиот факултет како член на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, датира од основањето во 1977 година (4 април 1977 год) во состав на Универзитетскиот центар за медицински науки со воведување на четиригодишна студиска програма за стекнување со звањето дипломиран фармацевт кога ги запишува и првата генерација студенти на Фармацевтскиот факултет. Во 1985 година има здружување на Фармацевтскиот факултет со Медицинскиот факултет, како Отсек за фармација при Медицинскиот факултет во Скопје се до 1994 година кога Фармацевтскиот факултет се осамостојува како посебна членка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Која е мисијата на Фармацевтскиот факултет -Скопје?
Mисија на Фармацевтскиот факултет е обезбедување континуирано образование на високостручен кадар, оспособен компетентно да одговори на потребите на општеството за решавање на сите прашања од доменот на фармацевтската дејност и се состои од:
- Поттикнување на иновативноста и континуирано подобрување на квалитетот во наставата и истражувачко-апликативните активности со употреба на најсовремени едукативни методи и техники;
- Обезбедување мултикултурно милје со почитување на различностите на секоја етничка група;
- Постојано иновирање на наставниот план со воведување нови програми и насоки;
- Непристрасност, објективност и транспарентност и почитување на високите етички норми;
- Овозможување стимулативна атмосфера за индивидуален професионален развој;
- Изградување на сопствена препознатливост во земјата и во странство;
- Разивање и унапредување на соработка со други факултети, универзитети и институции во земјата и надвор од неа со цел подобрување на квалитетот и перформансите на факултетот;
- Востановување на едукативна политика базирана врз автономност, адекватност, акредитација и самоевалуација.
За горе наведената мисија на факултетот и за она што имав прилика на самото место на факултетот да ги согледам и се уверив она што го погледнав и како се имплементираат современите апаратури на факултетот, со што можеме да бидеме конкурентни и на европските факултети. Менаџерот на факултетот – деканот професор д-р Зоран Стерјев, ќе истакне:
„Овие современи лаборатории со современа апаратура се користат и практикуваат секој 365 дена во годината. Ние имаме високо развиена научно-истражувачка и апликативна дејност. Дел од анализите кои ги работиме во апликативните центри на факултетот се мошне софистицирани анализи, кои се неопходни за пациентите и истите се прават само во нашите лаборатории. Во одредени области сме конкурентни и со сите лаборатории во Европа“.
Бев вчудоневиден од она што го гледам од амбиентот на одговорните професори и вниманието и активностите на студентите како непосредни партнери во работата со нивните едукатори. На сето ова деканот професор д-р Зоран Стерјев, ќе додаде:
„Имаме знаење и човечки потенцијал, кога би располагаме со 60% (отсто) од материјалните средства со кои располагаат факултетите и лабораториите во Европа, ние сигурно би се носеле рамноправно со сите нив“.
Кои студиски програми се на Фармацевтскиот факултет-Скопје?
Во рамките на Факултетот постојат современи студиски програми со континуирано усогласување на курикулумите со актуелните европски регулативи и стандарди со ангажираност на наставен кадар со високи квалификации и референци.
На Факултетот наставата е организирана во три циклуси согласно Болоњскиот процес: интегрирани студии од прв и втор циклус по фармација, прв циклус студии за профилот дипломиран лабораториски биоинженер и прв циклус студии за профилот дипломиран диететичар/диетотерапевт, магистерски и специјалистички студии од втор циклус од различни области на фармацијата и докторски студии од трет циклус од областа на фармацевтските науки. Наставата на сите три нивоа се изведува според европскиот кредит трансфер систем, со што се овозможува академско препознавање на студиите во странство.
Современиот и европски препознатлив едукативен курикулум за профилот магистер по фармација, во трење од пет години, овозможува стекнување современи знаења и вештини за вршење на фармацевтската професија и создавање кадри за аптекарска дејност, фармацевтска индустрија, здравствени услуги од областа на терапевтиците, снабдување и дистрибуција на лекови, лабораториска дејност, научноистражувачка работа и друго.
Тригодишната студиска програма од прв циклус за стекнување звање дипломиран лабораториски биоинженер овозможува создавање кадри за работни места поврзани со медицинската дијагностика, фармацевтско-хемиската и козметичката индустрија, прехранбената индустрија и за консултациска улога во области поврзани со здравствената дејност, како и на други позиции во индустријата, трговијата, образованието и во владините и приватните сектори поврзани со лабораториската практика.
Тригодишната студиска програма од прв циклус за стекнување звање дипломиран диететичар/диетотерапевт е со цел создавање здравствени професионалци со соодветно познавање на сите аспекти на исхраната, диететската интервенција кај поединци и различни популациони групи, диететскиот режим на човекот/пациентот, имено професионалци со проширени знаења, вештини и ставови кои ќе водат кон компетентен практичар, способен соодветно да ги примени истите.
Постдипломските студиски програми овозможуваат создавање на специјалисти, магистри и доктори на фармацевтски науки, додека посебната едукација и тренинг на здравствени работници од девет области на здравствените специјализации овозможува создавање посебно обучени кадри, специјализирани за работење во определени области на здравствениот систем.
Примената на наставата по предметни програми (теорија-практика)
Наставата по сите предметни програми се одвива според целите и методските единици (програмски содржини) кои се дефинирани во самата студиска програма и се предмет на акредитација во амфитеатри и опремени предавални. Практичната настава која се одвива во лаборатории се одликува со голема разнообразност во изведувањето и активностите на студентите, што е во зависност од природата на вештините кои се стекнуваат по соодветниот предмет. Лабораториите постојано се опремуваат со нова апаратура, современа лабораториска опрема, компјутери неопходни за изведување на наставата. Во реализација на наставата е вклучен соодветно квалификуван наставен кадар од сите релевантни области, со богато академско искуство, континуирано активен. Наставниот кадар е несебично посветен на развојот на Факултетот и обезбедување на средина за учење која ќе им овозможи на студентите основни, стручни и пошироки познавања за продуктивна професионална кариера и развој на вештини за ефикасна и одговорна тимска работа со почитување на начелата на професионалната етика. Воспоставената соработка со други факултети овозможува интердисциплинарност во наставните и научните активности и носи висок потенцијал за воведување иновации во наставата.
Научно-истражувачката дејност
Освен со наставно-образовна дејност. Факултетот се карактеризира и со плодна научноистражувачка дејност. Факултетот е вклучен во низа проекти финансирани од домашни и меѓународни институции и фондови, има остварено соработка со наставно-научен кадар од други факултети и универзитети во земјата, Македонската академија за науки и уметности (МАНУ), како и разгранета мрежа на меѓународна соработка со други факултети и универзитети од областа на медицинските и биомедицинските науки надвор од земјата, од Данска, Шведска, Белгија, Франција, Германија, Словенија, Турција, Бугарија, Србија, Италија, САД со можност за вклучување на студентите во научно-истражувачките и апликативните проекти на факултетот. Во изминатата година Факултетот е вклучен во вкупно 41 национални и меѓународни проекти.
Стручно-применувачка дејност
Во рамките на Факултетот се одвива богата стручно-применувачка дејност, која се изведува во рамките на постоечките центри: Центарот испитување и контрола на лекови, Националниот центар за издавање информации за лекови, Центарот за биомолекуларни фармацевтски анализи, Центарот за контрола на труења, Центарот за фармацевтска нанотехнологија, Центарот за континуирана едукација и Центар за менаџмент на терапија со лекови.
Применувачката дејност се реализира согласно барањата и потребите на пазарот со можност за стимулирање и унапредување на научно-истражувачката работа преку стручен, континуирано едуциран и соодветно обучен кадар за изведување на различни типови на анализи со примена на акредитирани методи и испитувања.
Активностите на студентското организирање
Студентското организирање и активностите кои ги превземаат студентите се секогаш предмет на врвен интерес на Факултетот. Студентите, со свои претставници од редовите на Факултетското студентско собрание, активно се застапени и подржани во академскиот живот и даваат придонес во целокупната работа на Факултетот.
На Факултетот во соработка со студентите се организирани многу активности и настани:
ориентациски ден за новозапишаните студенти на Фармацевтскиот факултет и отворен ден за матурантите на УКИМ, Новогодишен хуманитарен базар, организирани настани и работилници во заедничка соработка помеѓу наставниот кадар и студентите, организирање натпревари на ниво на Фармацевтски факултет по повод 7-ми април – Светскиот ден на Здравјето и за комуникациски вештини и издавање на лекови во аптека, МАГИСТРЕ, Учество на 5-от Европски Фармацевтски летен семинар во Охрид на тема „Психоактивни супстанции од природно потекло“ и работилница на тема „Погледни низ очите на професионалците“, Учество на студентите во пишување на научен дел од списанието на Европската асоцијација на студенти по фармација „Science Monthly“, организација на “Европскиот Фармацевтски Летен Семинар 2023” , на “Летен теренски проект 2023” и мотивирачки екскурзии.
Студентско практиканство преку конкретни примери
- На 20 мај 2023, во лабораториите на одделот за Контрола на квалитет во Реплек се одржа работилница наменета за нашите студенти, на тема „Развој на аналитички методи: од теорија во пракса“. Работилницата резултираше со успешен трансфер на теоретското знаење во пракса во лабораториски услови, преку работа на студии на случај на генерички лекови од Реплек.
- Во соработка со Алкалоид А.Д. реализиран е едукативно-апликативниот проект (нов тип на едукација на студентите) – „Зелени“ хроматографски методи во контрола на квалитет на лекови’.
- Во соработка со АСК-Асоцијација на советници за развој на кариера, како и со Факултетското студентско собрание на Фармацевтски факултет, организирана е работилница на темите „Како да загосподарите со времето“ и „Како на интервју да се издвоите од сите останати“. Користејќи соодветна методологија, учесниците дојдоа до сознанија за значењето на правилното управување со време воедно и како студентите да бидат компетентни на пазарот по завршување на своите студии.
- Во соработка со студентите на повикот од Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ развиени се два прототипови кои се презентирани на студентската програма „Innovations in Smart Anything Everywhere – INNO SAE“. Студентите од УКИМ – Фармацевтски факултет учествуваа со два развиени прототипови и тоа:
- Фармасет – уред со светлосна и звучна сигнализација наменетен за надминување на проблемот со непридржување до терапијата со лекови.
- Гастросенс – уред кој ја детектира промената на pH вредноста во желудникот и дава звучен сигнал при последователни промени на вредноста на pH како резултат на прекумерен внес на храна.
- Лидери во спроведување на практиканство на ниво на УКИМ,
- Еразмус мобилност на студенти и професори
Што говорат сите овие активности на Фармацевтскиот факултет при УКИМ-Скопје
Сите овие активности говорат за Факултетот, неговата улога и пристап во општеството, академскиот пристап на вработените, вложување во наставата, науката и применувачката дејност, добрите меѓучовечки односи и партнерскиот однос со своите студенти, за градење на институција преку која Фармацевтскиот факултет во Скопје во состав на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје е лидер во областите на своето делување во земјата и во регионот.
Честитки за Фармацевтскиот факултет- патот кој води кон европските вредности!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес