Кривична пријава за четворица арамии, по двајца од Охрид и Кичево кои краделе подолг период.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 27-годишните охриѓани А.Ф. и Б.Р. и двајцата кичевци 19-годишниот А.Е. и 37-годишниот Е.Б. заработија кривични пријави.
Охриѓаните кривичните дела ги извршиле во текот на изминатите два месеца со насилно кршење на вратите и прозорците на објекти на подрачјето на Охрид. Тие од објектот каде се наоѓаат водните пумпи за општината Дебарца бесправно одзеле електромотор со кабли, потопна пумпа, наставци за метални цевки и неколку рачки за округли шибери. Двајцата пријавени од работна машина сопственост на „Охридски комуналец“ кај месноста „Мауцкер“ одзеле два акумулатори а од неколку викенд куќи во населбите Чекоштина, Габавци и селата Вапила, Рамне, Рача и Лакочереј, одзеле мотокултиватор со фреза и прскалка, бакарни пумпи, месингани прскачи, рачна пумпа за вода, бормашина, шлајферица, музички систем со звучници, алкохолни пијалоци, низалки со суви пиперки, венци кромид и други предмети. На тој начин тие се стекнале со против-правна имотна корист од 157.500 денари.
Арамиите од Кичево, пак, кражбите ги извршиле во периодот од декември минатата до февруари оваа година. Користејќи подесен алат и физичка сила, тие ги кршеле бравите од влезните и балконски врати на повеќе куќи во Охрид и одземале пари, златен и сребрен накит, бижутерија, лап-топ комјутери, рачни часовници и други вредни предмети. Со тоа, А.Е. и Е.Б. се стекнале со против-правна имотна корист од околу 221.000 денари.