6.8 C
Skopje
петок, ноември 29, 2024

Фаучи ја нападна Белата куќа поради ситуацијата со корона

Неколку дена пред претседателските избори, главниот американски експерт за заразни болести, Ентони Фаучи, ја нападна Белата куќа, односно нејзината стратегија за борба против ширењето на пандемијата.

Во интервју за „Вашингтон пост“ објавено синоќа, Фаучи ја критикувал Белата куќа и рече дека дозволила нејзината антивирусна стратегија да биде под влијание на мислењето на неврорадиолог кој нема образование од областа на заразните болести.

Тој додаде дека ја цени чесноста на началникот на Генералштабот на Белата куќа Марк Медоус, кој во неодамнешното интервју за Си-Ен-Ен призна дека администрацијата на Трамп се откажала од обидот да се контролира ширењето на ковид-19.

Главниот американски експерт за инфективни болести не го криеше своето незадоволство од пораките на неврорадиологот Скот Атлас, кој неодамна стана главен советник на претседателот за ковид-19. Имено, Атлас, член на работната група за коронавирус во Белата куќа, стана поблизок до претседателот откако Фаучи и докторката Дебора Бирк се повлекоа од очите на јавноста. Атлас ја потценувал ефективноста на носењето маски и рече дека не било толку важно да се тестираат асимптоматските лица.

“Јас навистина имам проблем со овој човек. Тој е паметен човек, но зборува за работи за кои нема вистинско знаење или искуство. Кога ќе го анализирате тоа што го рече, гледате дека нема смисла”, изјави Фаучи за методите на Атлас.

Фаучи и Биркс беа главните фигури во креирањето на стратегијата да се запре ширењето на ковид-19 во раните денови на пандемијата. Но, како одминуваше времето, Трамп се повеќе се фрустрирал од појавувањето на Фаучи во медиумите, пишува Си-Ен-Ен.

За време на разговорите со персоналот на кампањата во октомври, Трамп ги нарече Фаучи и другите здравствени работници „идиоти“ и рече дека на Американците им е преку глава од вести за пандемијата.

Скот Атлас му одговори на Фаучи на Твитер многу брзо по интервјуто во Вашингтон Пост користејќи низа хаштагови како # Несигурност или # Непријатно.

Фаучи е критикуван и од заменик-секретарот на Белата куќа Џад Дир, кој тврди дека несоодветно си играл со политика неколку дена пред изборите.

„Неприфатливо е Фаучи, член на претседателската група против коронавирус и некој што ги пофалил постапките на претседателот Трамп за време на пандемијата, да одлучи да си игра со политика три дена пред изборите“, рече Дир.

„Како член на работната група, Фаучи беше должен да изрази загриженост или да се заложи за промена на стратегијата, но тој не го стори тоа, туку го критикуваше претседателот во медиумите и го пофали неговиот политички противник“, додаде тој.