Планот на новата администрација е масовна дистрибуција на вакцини за во првите сто дена од мандатот да има сто милиони вакцинирани
Директорот на Националниот институт за алергија и инфективни болести, Ентони Фаучи кој досега го советуваше американскиот претседател Доналд Трамп за пандемијата, останува да биде главен советник и на новоизбраниот претседател Џозеф Бајден за пандемијата, а во Белата куќа се враќа Вивек Мурти, првиот човек за јавно здравство во администрацијата на Обама.
Новоизбраниот американски претседател на брифингот во Вилмингтон го претстави тимот што ќе ја води борбата против пандемијата.
Во тимот ќе биде и јавниот обвинител на Калифорнија, Ксавиер Бесер, кој долго време го поддржуваше здравствениот план познат како „Обамакер“, и тој ќе го предводи Секретаријатот за здравје и благосостојба, додека Центрите за контрола и превенција на болести ќе ги предводи Росел Валенски, раководител на Одделот за инфективни болести во Општата болница во Масачусетс во Бостон.
Поранешниот економски советник во Белата куќа и член на администрацијата на Обама, Џефри Цинк, ќе го надгледува одговорот на пандемијата, вклучително и дистрибуцијата на стотици милиони дози на вакцини во соработка со федералните агенции.
Бајден истакна дека е свесен оти пандемијата нема да заврши во овој период и дека тоа не може да се постигне за толку кратко време, но може да се направи значителен напредок што ќе го промени нејзиниот тек.
Најави дека ќе биде потребна масовна дистрибуција на вакцини за да се постигне неговата цел – во првите сто дена од мандатот да има сто милиони вакцинирани.
„Во првите сто дена од мандатот и враќањето на децата на училиште ќе биде национален приоритет. Во првите сто дена можеме да го смениме текот на пандемијата и животот во Америка на подобро“, рече Бајден.