Водечкиот американски експерт за инфективни болести, Ентони Фаучи, соопшти во неделата дека неодамна потврдената ткн му варијанта на коронавирусот предизвикува загриженост кај здравствените стручњаци, поради способноста како и кај некои други соеви да ја заобиколува заштитата од антителата.
„Кај неа (му варијантата) има голем број мутации, што укажува на способноста да се избегне заштитата од одредени антитела“, појасни Фаучи во интервјуто за телевизиската мрежа CBS News.
Меѓутоа, како што истакна Фаучи, во моментов сојот „му“ не претставува посериозна закана, бидејќи другата варијанта на вирусот ткн делта е доминанта во САД. Додаде дека експертите внимателно ги следат мутациите на коронавирусот, а особено сериозно ја истражуваат му варијантата.
Варијантата на коронвирусот B.1.621, попозната во медиумите како му варијанта беше идентификувана уште во јануари 2021 година во Колумбија. Распространета е во 40 земји, меѓу кои најчесто е потврден во Перу, Чиле, САД и други земји.
Кон крајот на август, Светската здравствена организација (СЗО – WHO) оцени дека „варијантата предизвикува интерес“ поради мутациското вметнување 146N и повеќекратните аминокиселински супституции во „шилестиот“ протеин на коронавирусот.