FBI истражува обиди за хакирање на американските претседателски кандидати

Американскиот дневен весник The Washington Post објави дека Фeдералното биро за истраги (FBI) ги истражува обидите за хакирање на податоците на американските претседателски кандидати на изборите што ќе се одржат во ноември.

Истрагата на FBI била покрената уште во јуни, кога сегашниот американски претседател Џо Бајден сè уште беше кандидат на Демократската партија. Тој во меѓувреме беше заменет како кандидат на Демократската партија со потпретседателката Камала Харис, а биле нападнати веб-страниците на кандидатот на Републиканската партија и поранешен претседател Доналд Трамп.

Истражителите не пронашле докази кои сугерираат дека обидите за хакирање на кампањата на Демократската партија биле успешни.

Од друга страна, кампањата на Трамп во текот на изминатиот викенд објави дека Иран хакирал една нивна веб-страница, повикувајќи се на информациите што ги добиле од технолошкиот гигант „Microsoft“. Иранската влада негираше какво и да е мешање во претседателските избори во САД.

Претседателската кампања на републиканецот Трамп соопшти дека некои од нејзините внатрешни комуникации биле хакирани и ја обвини без да обезбеди директни докази иранската влада, наведувајќи ги непријателства меѓу поранешниот претседател и Техеран.

Објавата на Републиканците дојде набргу откако информативната веб-страница Politico објави дека почнала да добива мејлови во јули од анонимен извор кој нуди автентични документи од персоналот на Трамп, вклучително и извештај за „потенцијалните ранливости“ на потпретседателскиот кандидат ЏејДи Ванс.

„Овие документи се незаконски добиени од странски извори кои се непријателски настроени кон Соединетите држави, со намера да ги нарушат изборите во 2024 година и да посеат хаос во нашиот демократски процес“, рече портпаролот на кампањата на Трамп, Стивен Чеунг во соопштението.

Доцна ноќта во саботата, Трамп објави на својата апликација Truth Social дека „Miccrosoft“ ја известил кампањата дека Иран хакирал една од неговите веб-страници. Тој го обвини Иран, додавајќи дека „тие можат да добијат само јавно достапни информации“. Притоа не беа пружени повеќе детали за хакирањето.

Кампањата на Трамп цитираше извештај од истражувачи на „Microsoft“ во петокот во кој се вели дека хакери поврзани со иранската влада се обиделе да упаднат во интернет сметките на „висок функционер“ за време на претседателската кампања на САД во јуни. Хакери презеле сметка на поранешен политички советник и потоа ја користеле за да таргетираат функционери, се вели во извештајот. Извештајот не дава дополнителни детали за идентитетот на целите.

Портпаролот на „Microsoft“ одби да ги именува функционерите кои биле цел или да даде дополнителни детали по објавувањето на извештајот.

Постојаната мисија на Иран во Обединетите нации во Њујорк соопшти дека „иранската влада ниту поседува ниту има некаква намера или мотив да се меша во претседателските избори на Соединетите држави“.

„Не им даваме никаква доверба на таквите извештаи“, се додава во одговорот на наводите на кампањата на Трамп.

Во петокот, како одговор на откритијата на „Microsoft“, мисијата на Иран во ОН изјави за Reuters дека нејзините сајбер способности се „одбранбени и пропорционални на заканите со кои се соочува“ и дека нема планови да изврши сајбер напади.

Поранешниот претседател имаше тензични односи со Иран додека беше на функцијата. За време на Трамп, Соединетите држави со беспилотно летало на меѓународниот аеродром во ирачката престолнина Багдад го убија иранскиот воен командант Касем Сулејмани во 2020 година, откако во 2018 година САД еднострано се повлекоа од меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма.

„Иранците знаат дека претседателот Трамп ќе стави крај на нивното владеење на терор исто како што тоа го направи во првите четири години во Белата куќа“, рече Чеунг.

Трамп преживеа атентат во јули на предизборен собир во Пенсилванија. Телевизијата CNN кон крајот на јули објави дека САД имаат разузнавачки информации за ирански заговор против Трамп, што Иран го негираше.

Кон крајот на минатиот месец, висок разузнавач им рече на новинарите на брифингот дека Техеран и Москва ги задржуваат истите претседателски преференции како и во минатите циклуси, а иранските оперативци ќе се обидат да го соборат републиканското дуо, додека Русија прави напори да ги оцрни демократите, според претходна проценка од разузнавачката заедница.