Федерер најплатен спортист на светот

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер е најплатениот активен спортист на светот за 2020 година, објави во петокот Forbes, со што стана првиот тенисер кој е најпатениот спортист на светот во годишната листа на овој економски магазин која се објавува последните 30 години.

Во последните 12 месеци Федерер заработил 106,3 милиони долари, од кои дури 100 милиони долари од спонзорите, меѓу кои се истакнуваат „Barilla“, „Moet & Chandon“, „Rimowa“, „Rolex“, „Credit Suisse“ и „Mercedes-Benz“.

На второ место е фудбалерот Кристијано Роналдо со 105 милиони од кои 45 милиони долари од спонзори. На третото место, исто така, е фудбалер Лионел Меси со 104 милиони од кои 32 од спонзори. Следува уште еден фудбалер, Нејмар со заработка од 95,5 милиони од кои 25 милиони долари од спонзори, а на петтото место е ѕвездата на НБА кошаркарската лига Леброн Џејмс со 88,2 милиони од кои 60 милиони долари од спонзори.

Интересно, првиот тенисер на светот во моментов Новак Ѓоковиќ е на 23-то место со 44 милиони долари заработка, од кои 32 милиони од спонзори.

Меѓу стоте најплатени спортисти на светот има најмногу кошаркари, дури 35. Следат играчите на американскиот фудбал од НФЛ лигата кои ги има 31 на листата, а по нив се фудбалерите, вкупно 14 на листата на Forbes.

Претходно беше објавена листата на најдоброплатените спортистки, а оваа листа ја предводат новата рекордерка според заработката Јапонката Наоми Осака со вкупно 37,4 милиони долари и Американката Серена Вилијамс со 36 милиони долари.