Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер во петок ќе го одигра својот последен меч во кариерата на Лејвер купот во Лондон, и тоа во двојка со својот голем ривал од терените Шпанецот Рафаел Надал, објавија во четвртокот организаторите на турнирот.
Федерер и Надал ќе играат против двојката којашто ја сочинуваат Американците Џејк Сок и Франческо Тиафо со што легендарниот Швајцарец ќе ја заклучи брилијантната играчка кариера на 41-годишна возраст.
Освојувачот на 20 гренслем титули, Федерер го замоли селекторот на европската екипа, легендарниот Швеѓанец Бјорн Борг, да го пријави само во мечевите за двојки во пресметката меѓу репрезентациите на Европа и Светот.
Покрај Федерер и Надал, Европа на Лејвер купот ќе ја претставуваат и Србинот Новак Ѓоковиќ, Гркот Стефанос Циципас, Британецот Енди Мареј и Норвежанецот Каспер Руд, а Италијанецот Матео Беретини ќе биде замена.
Селектор на репрезентацијата на Светот е поранешната американка ѕвезда на „белиот спорт“ Џон Мекинро, кој ги пријави Канаѓанецот Феликс Оже-Алјасим, Американецот Тејлор Фриц, Аргентинецот Диего Шварцман, Австралиецот Алекс Де Минор, покрај споменатите Американци Џејк Сок и Франческо Тиафо, а резерва е нивниот сонародник Томи Пол.
На Лејвер купот секој ден на распоредот се три поединечни меча и еден дуел во двојки, со тоа што победата во секој меч првиот ден носи еден бод, вториот ден два а третиот ден во игра се три бода. Победник е онаа репрезентација која прва ќе успее да собере 13 бодови.