Американскиот логистички гигант „FedEx“ објави дека ќе укине до 2.000 работни места во Европа за дополнително да ги намали трошоците, бидејќи побарувачката за услуги за испорака се нормализира во периодот по пандемијата. Компанијата работи во повеќе од 45 европски земји и територии, и вработува повеќе од 52 илјади луѓе.
Отпуштањата ќе бидат распоредени на 18 месеци и ќе носат трошоци пред оданочувањето, вклучително и правните трошоци и отпремнината, меѓу 250 и 375 милиони долари, објави менаџментот. Намалениот број работници треба да ѝ заштеди на компанијата од 125 до 175 милиони долари годишно, почнувајќи од фискалната 2027 година, додаваат тие.
„Покрај оптимизирањето на нашите мрежи, преземаме мерки за рационализирање на многу од нашите функции и намалување на структурните трошоци“, се вели во извештајот.
До крајот на следната година, „FedEx“ планира да ги намали трошоците за 4 милијарди долари, вклучително и 1,8 милијарди долари во фискалната 2024 година, која заврши во мај. Во март тие ја зголемија прогнозата за профитот во фискалната 2024 година, со образложение дека намалените трошоци ќе им донесат поголема заработка по акција, забележува Reuters.
И „FedEx“ и неговиот конкурент „United Parcel Service“ (UPS), како и другите компании во секторот, имаа многу работа во почетната фаза на пандемијата, бидејќи граѓаните во строгото затоврање ги заменија посетите на продавниците со испорака на стоките до домот. Закрепнувањето на патувањата и враќањето на граѓаните во рестораните и продавниците го сменија трендот, а отежнувачка околност беше инфлацијата.
И UPS планира да ги намали трошоците оваа година, за милијарда долари. Во јануари објави дека ќе укине 12.000 работни места и ќе ги истражи стратешките опции за брокерот за камиони Coyote поради слабата побарувачка и прекумерниот капацитет во секторот.