Скоро четири децении трае агонијата на Јованка Броз, жената која без вина е прогласена за виновна, ставена во домашен притвор и лишена од сите граѓански права.
Првата дама на поранешна Југославија ја маѓепсала домашната и светската јавност, пленејќи со својата убавина и достоинствено држење, препознатлива насмевка и фризура, секогаш беспрекорно облечена и елегантна.
Пред крајот на животот на Тито, насилно е одвоена од него, а по неговата смрт станува најпрогонуваната жена на просторите на поранешна Југославија. За нејзините заслуги беше забрането да се зборува , додека во исто време за нејзе перфидно се пласираа најмонструозните лаги, па дури и тоа дека е западен или светски шпион. Но, немаше ништо од тоа.
Токму затоа често знаеше да каже: „Бог ми даде прекрасен живот покрај Тито. Но, колку години ми беше убаво, уште толку години бев измачувана, прогонувана и злоставувана“.
Целиот систем, со сите свои механизми на моќ се насочи кон една беспомошна жена. Бессрамното беззаконие и насилство на кое е изложена, ќе влезе во аналите на срамот на една држава.
Јованка Броз е последната жртва на југословенскиот режим и неговите моќници, а таа агонија продолжи и во Србија. И ден- денес, кога во текот на телефонските разговори, врската ќе се прекине, таа знае да се јави и низ смеа да каже: „Прекина врската, некој не’ регистрира. Но, јас навикнав на тоа и не ми е грижа“.
Единствено што остана е голиот живот, бидејќи се’ друго и е одземено, додека вооружени луѓе од куќата, во која што живееше со децении, облечена во пижами, била однесена во непознат правец.
Многумина ја посакуваа нејзината смрт, а таа како за инает живееше. Со челичната волја и гордо кренатата глава ги преживеа најстрашните психолошки тортури. Таа беше гласот на разумот на Тито, брана против полтроните кои сакаа да манипулираат со нејзе.
За Тито и денес раскажува со голема љубов, уверена дека тој го правел она што морал, само да го спаси нејзиниот живот.
„Тито беше принуден да се одвои од мене. И тој самиот добро знаеше со какви луѓе е окружен и дека тоа е единствен начин да ми го спаси животот, бидејќи тие беа подготвени на се’. Толку многу им пречев на сите што тоа Тито многу добро го знаеше. Тој мене така ме спаси од тие злосторници“…
Продолжува…
Извадоци од книгата на Жарко Јокановиќ, „Јованка Броз мој живот, моја вистина“- од раѓање до болнички денови, во издание на српскиот весник „Блиц“.