Фемицид во Србија: 406 жени убиени за 12 години

Во периодот од 2011 до 2023 година во Србија биле убиени 406 жени и девојчиња, а една петтина од жртвите биле од областа на главниот град, беше речено во вторникот на Регионалниот форум за превенција од фемицид во Белград, со проценка дека институциите на државата и општеството можат и мораат да ја сменат оваа сурова статистика побрзо и координирано.

Според податоците објавени на почетокот на годинава во српските медиуми, само од почетокот на 2024 година до јули во Србија биле убиени 13 жени. Во четири од деветте случаи на убиства на жени регистрирани до 15-ти мај 2024 година, насилството е претходно пријавено во институциите.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Србија, Јан Брату, укажа на фактот дека статистиката за убиства на жени покажува високи бројки и во западна Европа, во Србија и во другите земји од регионот.

„Насилството врз жените е делумно последица на длабокото влијание на патријархатот кое е вкоренето во општеството на овие простори, така што мажите во Србија често мислат дека е оправдано да се биде насилен кон жените“, рече Брату.

Проблемот уште повеќе го комплицираат медиумите кои „сензационилистички и погрешно“ известуваат за случаи на фемицид. „Мораме да ги промениме овие токсични рамки и со почит да известуваме за жртвите на фемицид“, рече шефот на мисијата на ОБСЕ.

Комесарката за заштита на еднаквоста, Бранкица Јанковиќ, предупреди дека суровата статистика мора и може да се промени само со координирана акција на институциите за заштита од насилство.

„Најголем број жени се убиени во својот дом – 54,68 отсто. Само овој податок покажува дека домот не е најбезбедно место за човек“, рече Јанковиќ.

Најголем број убиени жени се на возраст од 44 до 56 години.

Јанковиќ останува на ставот дека фемицидот е „еден од најголемите глобални“, но и домашни национални општествени проблеми кои бараат координиран, постојан систематски одговор и делување од сите надлежни институции и тела.

А Вања Мачановиќ од Автономниот женски центар (АЖЦ), претходно предупреди дека донесувањето на Законот за спречување на семејно насилство, кој беше донесен на крајот на 2016 година, подразбира „итни мерки и задолжителна координација на надлежните институции, пред сѐ, на обвинителите, центрите за социјална работа и полицијата“, но „со сериозен надзор над однесувањето на институциите“.

„Бројот на убиените жени нема да ни се намали ако не се испита детално“, предупреди Мачановиќ.

Според комесарот за заштита на еднаквоста, на Србија и треба национален механизам – тело кое ќе го следи ширењето на насилството и ќе ги анализира сите случаи со цел да се спречат последиците и да се создаде подобар систем на заштита.