ФЕНИ денеска ги гаси печките, вработените одат на принуден одмор

ЕУРОНИКЕЛ (поранешно ФЕНИ) денеска ги гасне печките и ќе го прекине производството. Вчера се одржал состанок на менаџерскиот тим, на кој се донела одлука електро печката за производство на никел која од први јуни е на одржување, да се изгасне најдоцна до денес до 14:00 часот, а вработените да бидат пуштени од работа со 70 отсто плата.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски вчера соопшти дека ФЕНИ, односно „Еуроникел индустри“ ја гаси печката која три месеци се одржувала на енергетски минимум поради скапата струја.

Од компанијата за „Фокус” потврдија дека е тоа точно, но и дека од средината на септември работници се испратени на принуден, платен одмор.

-Бидејќи долгорочно одржување на електро-печката во топла состојба не е препорачливо од техничка гледна точка и носи техничко-технолошки ризици, а во исто време се трошат огромни средства, притоа не се генерираат никакви приходи, одлучивме плански да го стопираме напојувањето и сите ресурси да ги насочиме кон енергетски проекти кои имаат за цел да обезбедат електрична енергија за продолжување на производниот процес. Во меѓувреме, преземени се сите соодветни мерки, доколку дојде до поволна промена на пазарот на електрична енергија, или пак се обезбеди електрична енергија од државата, по субвенционирана цена, подготвени сме во најкраток рок да го рестартираме процесот, одговорија од компанијата Еуроникел.

Инаку Еуроникел Индустри е најголем поединечен потрошувач на електрична енергија во државата, а струјата има најголем удел во производниот трошок. Еуроникел во Кавадарци е втор најголем извозник и има еден од најголемите удели во Бруто домашниот производ на државата.