
Во дуелот на двете екипи кои сигурно оваа сезона нема да се квалификуваат во доигрувањето во НБА лигата, Феникс Санс со голем пресврт на домашен терен со 104:103 ја совлада Атланта Хоукс, но се чини дека победата во завршницата дојде благодарение на наклонетоста на судиите.
На 90 секунди до крајот при резултат 101:93 за Атланта, Маркез Крис и Девин Букер со „тројки“ намалија на 101:99, а на овој резултат на 12 секунди до последната сирена Букер се обиде со уште еден удар за „тројка“ да го доведе Феникс во водство. Беше блокиран од Кен Бејзмор, но судиите проценија дека бекот на Хоукс направил прекршок па Букер доби три слободни фрлања кои ги реализираше за водство на Санс од 102:101. Атланта потоа имаа напад за победа, топката под самиот кош ја освои Таурин Принс кој во обидот да забие беше цврсто попречен токму од Букер, но судиите не досудија ништо. Потоа беше свирен нов фаул за Букер кој зголеми на 104:101. Атланта имаше шанса со „тројка“ да се избори за продолженија, но бекот Денис Шредер нерезонски тргна на влез директно на положување при што беше оставен да поентира за конечните 104:103 во последната секунда од мечот.
Санс до 15-та победа сезонава ги предводеа Девин Букер со 34 кошови и Ти Џеј Ворен со 31 кош, додека за Атланта Ерсан Иљасова постигна 21 а Бејзмур и Шредер по 20 поени.
Ноќта кон средата за Кливленд Кавалирс дебитираше ветеранот Ајзеа Томас и за 18 минути на паркетот постигна 17 поени во победата на актуелните вицешампиони над Портланд Трејл Блејзерс со 127:110. Томас во тимот на Кавалирс дојде минатото лето во трампата со која Кајри Ирвинг се пресели во Бостон Селтикс, но досега ги пропушти сите 36 натпревари поради повреда на десниот колк.
Најефикасен кај Кавалирс беше Леброн Џејмс со 24 кошови, додека Блејзерс ги предводеа Демиен Лилард со 25 и Јусуф Нуркиќ со 23 погодоци.
Кливленд со соодносот 25 победи и 12 порази е трета екипа во Источната конференција, додека Портланд со скор 19-18 се седми во Западната конференција.
За одбележување е постигнувањето на тренерот на Сан Антони Спарс, Грег Попович кој е на петтото место на сите времиња според бројот на остварени победи како тренер во НБА лигата. Откако Спарс во „Медисон Сквер Гарден“ со 100:91 ги надиграа Њујорк Никс, Попович кој ги води Спарс од 1997 година ја забележа 1.176-та победа во 1.694 натпревари во кариерата. Со тоа го мина Џорџ Карл кој има 1.175 победи, а пред него се Дон Нелсон со 1.335, Лени Вилкинс со 1.332, Џери Слоан со 1.221 и Пет Рајли со 1.210 победи.
Спарс до 26-та победа оваа сезона ги предводеа Ламаркус Олдриџ со 29 и Кауај Ленард со 25 кошови, додека Мајкл Бизли постигна 18 поени за Никс.
Сан Антонио со скорот 26-12 моментално е трет во Западната конференција, додека Њујорк со 18-19 е деветти во Источната конференција.