Тимовите на Ферари и на Алфа Таури ќе имаат проблем за влез во Бахреин на втората трка од новата сезона во Формула 1 шампионатот. Властите во земјата забранија влез на сите странски државјани кои во изминатите 14 дена престојувале во Италија, Ирак, Кина, Хонг Конг, Иран, Тајланд, Сингапур, Малезија и Јужна Кореја поради опасноста од ширење на коронавирус.
Болеста што во декември лани се појави во Кина од ден во ден создава се поголеми проблеми од кои имуни не се ниту спортските случувања како магнет за голема маса на луѓе. И додека се чека потврда дали ќе се вози првата трка од новата Ф1 сезона во Австралија на 15 март, одеднаш проблем за втората што е закажана за 22 март.
Поради појавата на коронавирус, претходно е откажана трката за ГН на Кина на 19 април додека организаторите на трката за ГН на Виетнам соопштија дека настанот ќе се одржи како што стои и во натпреварувачкиот календар – на 5 април.