Откако кон крајот на сезоната се заканија дека ќе го напуштат шампионатот во Формула 1, челниците на италијанскиот култен автомобилистички бренд Ферари, кој одбележа седум децении од постоењето, објавија дека на 22-ри февруари ќе биде претставен болидот за претстојната сезона.
Тоа значи дека јавноста ќе има можност да ја види новата „машина“ на горопадното коњче само четири дена пред претсезонските тестираа коишто ќе започнат во Барселона.
„Минатата сезона, за разлика од онаа од 2016 година, претставуваше голем исчекор нанапред. Верувам во нашиот тим, во нашите возачи и сугурен сум дека можеме да направиме нешто големо. Имаме знаење, имаме искуство и сигурен сум дека ќе бидеме конкурентни“, изјави претседателот на Ферари, Серџо Маркионе.
Челникот на тимот истакна дека има целосна доверба во возачите Себастијан Фетел и Кими Раиконен.
„Фетел е момче коешто постојано учи и постојано напредува, додека Кими Раиконен е извонредно талентиран и никогаш не сум се посомневал во него. Поради тоа имаме обврска кон овие возачи, да им дадеме автомобил со кој може да се тркаат со другите“, додава Маркионе.
Фетел истакнува дека Ферари направил добри и здрави темели за следната сезона, кога би требало да бидат во конкуренција за шампионските титули.
„Сега мораме да го направиме последниот чекор напред. Последните месеци имаше многу работа околу болидите, за да бидат побрзи. Ќе видиме како стоиме“, додава Фетел.
Пред малку повеќе од еден месец Ферари се закани дека ќе ја напушти франшизата Формула 1 поради промената на правилата.. Сопствениците на Ф1, компанијата „Liberty Media“ и FIA (Меѓународната автомобилистичка федерација) работат на планови за да им се помогне на помалите екипи и да се направи погонските единици од 2021 година да бидеа поедноставни, поевтини и побучни.
„Либерти има неколку добри намери, од кои една е да се намалат трошоците, што е добро. Меѓутоа, постојат неколку работи со коишто не се согласуваме. Фактот е дека ќе дојде до промена во стратешкиот развој и гледаме дека спортот од 2021-та ќе се промени, а тоа ќе го присили Ферари на носење некои одлуки. Доколку не пронајдеме низа решенија чиишто резултати ќе бидат корисни за одржување на брендот и пазарот, и ја јакната позицијата на Ферари, ние нема да учествуваме“, најави Маркионе.
Тимот на Ферари се натпреварува во Формула 1 од правата сезона во 1950 година, а досега има освоено 15 титули за возачи, и 16 пати бил победник во конкуренцијата меѓу конструкторите, со 227 победи на трките.