Лондонскиот премиерлигаш Челзи најверојатно ќе излезе како победник во трката по потписот на новопечениот репрезентативец на Шпанија и најголема ѕвезда во дресот на шпанскиот прволигаш Атлетико (М), Диего Коста.
Најважната улога во веќе најавениот трансфер на брзоногиот напаѓач на „Стемфорд Бриџ” најверојатно ќе ја одигра најскапата аквизиција во клупската историја на лондонските „сини”, Фернандо Торес.
Искусниот напаѓач не е дел од плановите на Жозе Мурињо кога е во прашање новата сезона во англиската Премиер лига и поради таа причина, Торес сигурно ќе биде продаден за време на летниот преоден рок.
Сопственикот на Челзи, Роман Абрамович планира веднаш на стартот од преодниот рок да испрати официјална парична понуда до челниците на Атлетико (М) за услугите на Диего Коста, а истата нема да биде помала од 20 милиони фунти.
Освен паричната понуда, рускиот бизнисмен е подготвен во обратната насока да го испрати Торес кој важи за миленик на најверните фанови на Атлетико (М) и на тој начин да му ја исполни големата желба на репрезентативецот на Шпанија, својата кариера да ја заврши таму каде што ја започна, на „Винсенте Калдерон”.