Ферстапен е светски шампион трет пат по ред, израмнувајќи се со Фанџо, Шумахер, Хамилтон и Фетел

Макс Ферстапен вечерва и официјално ја освои третата шампионска титула по ред во Формула 1 шампионатот и тоа на спринт трката во Катар. Холанѓанецот има недостижна бодовна предност на врвот во генералниот поредок иако има уште шест трки до крајот на сезоната.

Ферстапен официјално стана првак кога неговиот тимски колега од Ред Бул, Серхио Перез, кој воедно е и негов најблизок ривал, испадна од спринтот вечерва во 11 круг по судирот со Естебан Окон и Нико Хулкенберг.

Старо-новиот шампион спринтот го заврши на второто место зад Оскар Пиастри од Мекларен, кој во својата деби сезона дојде и до првиот триумф. На подиумот имаше место и за вториот возач од Мекларен, Ландо Норис.

Ферстапен воедно стана првиот возач во историјата што ја обезбедил титулата на трка под новиот формат со спринт натпревари, што за прв пат беше претставен во 2021 година.

Доколку утре слави на трката за Големата награда на Катар, ќе биде на само една победа до израмнување на рекордот за најмногу триумфи во една сезона што го постави лани со 15 победи, а до крајот на сезоната ќе има уште пет трки.

Интересно Ферстапен се израмни со неколку легенди во Формула 1, бидејќи стана само петтиот возач во историјата што освои три светски наслови по ред. Тој сега е во друштво со Хуан Мануел Фанџо, Михаел Шумахер, Себастијан Фетел и Луис Хамилтон.